Легендата на кантри музиката, американската кантавторка Доли Партон, добила 100 милиони долари од основачот на Amazon. Пејачката вели дека ќе се потруди тие пари да ги искористи за добри работи.
Станува збор за наградата за храброст и учтивост, која ја доделуваат основачот на Amazon, Џеф Безос и неговата партнерка Лорен Санчез. Парите ќе бидат наменети за добротворни цели за кои примателот смета дека се соодветни, нагласи Санчез при доделувањето на наградата.
„Кога луѓето се во ситуација кога можат да помогнат, треба да помогнат. Секогаш се трудам да ги ставам парите таму каде што ми е срцето. Мислам дека го правиш истото“, му рече Доли Партон на Безос при прифаќањето на наградата.
Пејачката и авторка на бројни хитови напиша на Твитер дека ќе даде се од себе за да направи добри работи со паричната награда. 76-годишната музичка икона одамна е позната како филантроп. Нејзината Фондација „Доливуд“, чија цел е да ги зголеми стапките на дипломирање во нејзината матична област, беше лансирана во 1988 година. Програмата „Библиотека на имагинацијата на Доли Партон“ испраќа бесплатни книги за деца до пет години, без оглед на приходот на нивното семејство. Лансирана е во 1995 година. Таа беше домаќин на телетон во 2016 година, кој беше организиран за да се соберат средства за помош на луѓето чии домови беа уништени од шумските пожари во планинските области на Тенеси и Јужна Каролина. Во 2020 година, пејачката донираше 1 милион долари на медицинскиот центар на Универзитетот Вандербилт за да и помогне на нејзината пријателка, д-р Наџи Абумрад, да ја развие вакцината против коронавирус на Модерна.
