„Брилијантин“ чии главни ѕвезди беа Џон Траволта и Оливија Њутон Џон, беше најпрофитабилниот мјузикл во тоа време. Албумот со песни од филмот беше втор најпродаван во Америка во 1978 година, а синглот „One That I Want“ се продаде во повеќе од 15 милиони копии ширум светот. По повеќе од четири децении, новата стриминг платформа Paramount Plus ја нарача серијата „Grease: Rise of the Pink Ladies“, која е вовед (prequel) во познатиот мјузикл.
Приказната е сместена во 1958 година а во фокусот Дени Зак, кул момче кое е водач на бандата „Т-birds“ и симпатична девојка, австралиска имигрантка, Сенди Олсон. Откако започна кратка романса за време на празниците, Сенди се запишува во средното училиште „Рајдел хај“, што го преплашува Дени бидејќи нејзиниот невин изглед може да го попречи неговиот стил.
Новата серија, од десет епизоди, се одвива четири години пред оригиналниот филм. Како што најавува продукцијата, дејството ги следи дамите во розева боја пред да завладее рокенролот и пред членовите на „Т-birds“ да бидат главни во училиштето. Четири отфрлени девојки, на кои им е доста од се, одлучуваат да се забавуваат според нивни правила при што предизвикуваат морална паника која засекогаш ќе го промени средното училиште „Рајдел хај“. „Pink birds“ се составени од Бети Рицо – бунтовничка и девојка на најдобриот пријател на Дени, Кеники (Џеф Конавеј), убавицата и најдобра пријателка на Сенди – Френчи, големата љубителка на храна а особено слаткото – Џен и атрактивната Марти Марашино, чиј изглед редовно го привлекува вниманието на постарите момчиња. Во филмот ги играа Стокдард Ченинг, Диди Кон, Џејми Донели и Дина Меноф, но новата екипа засега не е позната. Сепак, познато е дека во серијата ќе има нови ликови.
Серијата првпат беше нарачана од HBO Max во октомври 2019 година, но тие не сакаа да продолжат со работа. На крајот, идејата заедно со промената на името беше оставена на Paramount Plus.
