Песната „Hot For You, Baby“, снимена за легендарниот албум на Тина Тарнер, Private Dancer (1984), денес за првпат беше емитувана на Би-Би-Си радио 2, откако долго време се претпоставуваше дека е изгубена. Иако оригинално требало да се најде на албумот, песната била отстранета за да се даде предност на други нумери кои го обликуваа новото поглавје во кариерата на Тарнер.
“Private Dancer” го означи триумфалниот камбек на Тина Тарнер, кој ја вивна во суперѕвезда и ја претстави на нова генерација обожаватели. Албумот, кој излезе во мај 1984 година, беше вистински почеток на нејзиниот „втор живот“ во музичката индустрија.
По разводот со проблематичниот Ајк Тарнер во доцните 1970-ти, Тина се соочи со тежок период. Без пари и под долгови, таа настапуваше во скромни кабаре шоуа за да преживее. Но, благодарение на поддршката на обожавателите и неколку значајни соработки, вклучително и настап со Род Стјуарт во 1981 година и покана од The Rolling Stones за нивната турнеја во САД, таа успеа да ја оживее својата кариера.
Откривањето на „Hot For You, Baby“ додава уште едно парче во мозаикот на нејзиното револуционерно дело, потсетувајќи нè на нејзиниот неприкосновен талент и истрајност.
