Таткото на покојната британска ѕвезда Ејми Вајнхаус, Мич Вајнхаус, покрена судска постапка против две поранешни блиски пријателки и цимерки на неговата ќерка, Наоми Пари и Катриона Горлеј, обвинувајќи ги дека незаконски продале нејзини лични предмети. Според тужбата, двете жени заработиле околу 730.000 фунти (приближно 835.000 евра) од аукции на облека и други вредни работи кои, според Мич, не им припаѓале. Случајот е пред Високиот суд во Лондон и произлезе од големата аукција во 2021 година во Лос Анџелес, на која семејството Вајнхаус понуди околу 700 предмети од оставнината на пејачката. Приходите од продажбата беа наменети за добротворната фондација „Ејми Вајнхаус“, која поддржува млади во борбата со зависности. Дури по аукцијата Мич дознал дека Пари и Горлеј претходно продале околу 150 предмети од Ејми – претежно облека – и ги задржале парите за себе.
Во тужбата е вклучена и продажбата на озлогласените крвави балетанки што пејачката ги носела во 2007 година, за време на турбулентниот период со тогашниот сопруг Блејк Филдер-Сивил. Балетанките биле продадени за 3.000 фунти, а предметот долго време бил обвиткан со шпекулации дека дамките од крв се резултат на инјектирање хероин меѓу прстите.
Како доказ на суд беше презентирана и размена на пораки меѓу аукционерот Дарен Џулиен и Наоми Пари, во која тие со насмевка коментираат дека Мич „мисли“ дека фустан продаден за 190.000 долари припаѓа на семејството, а не на Пари.
„Тоа само покажува колку малку знае за работите на Ејми“, напишала таа во пораката.
Двете жени, чии имиња се дури и врежани на надгробната плоча на Ејми, тврдат дека биле нејзини блиски пријателки и дека многу од предметите биле нивни – дадени на позајмица или подарени лично од пејачката. Пари, која работела и како стилист на Ејми, инсистира дека имале полно право да ги продадат. За време на вкрстеното испрашување, Мич призна дека неговата ќерка знаела да биде „исклучително дарежлива“ – потсетувајќи на случај кога таа ѝ подарила часовник од 20.000 фунти на мајка на пријател или позајмила 50.000 фунти кои никогаш не биле вратени. Но, тој одлучно не се согласува дека би подарила толку голем број предмети.
„Верувам дека би им дала некои работи – но не 150“, рече Вајнхаус, барајќи средствата од спорните продажби да бидат вратени за да се донираат во проект за изградба на училиште на островот Света Луција.
Судењето продолжува, а јавноста внимателно го следи новиот судски расплет околу сеќавањето на едната од најголемите музички таленти на својата генерација.
