Неа ја запознавме на снимањето на првиот видео спот, тогаш таа го направи и првото интервју на почетокот на нејзината музичка кариера. Навидум мирна, убава девојка која што туку стапна на македонската музичка сцена, денес позната по неколкуте хитови кои ги има зад себе. И иако има само 17 години, таа е среќна и се радува што повторно се ближат новогодишните празници. Што таа ни откри, каде и со кого ќе ја прославува Новата година, како се чувстува и како се подготвува за најлудата нок… прочитајте во продолжение…
Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува Нова година?
Зои Блаж: Секогаш кога се наближува Нова година, се чувствувам возбудено и под елката си оставам порака што сакам да ми донесе Дедо Мраз, иако не сум мало дете, се возбудувам и се радувам… Се спремам за новогодишниот ден и нормално како и секогаш позитивно се чувствувам…
Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?
Зои Блаж: Размислувам што да облечам, каде ќе одам, шетам, купувам облека за себе и нормално подароци за луѓето што ги сакам.
Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, како го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?
Зои Блаж: Па мислам дека нема човек кој не се радува на Новата година.
Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?
Зои Блаж: Сеуште немам одлучено на кое место ќе славам, но мислам дека нема да биде во Скопје, а секако, ќе славам со моите сакани пријатели.
Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?
Зои Блаж: Има неколку настани кои мене лично ми ја одбележија 2012, и неможам да одвојам ни еден бидејќи сите ми се драги на свој начин.
Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакала да ти се остварат во текот на идната Нова година, нешто што досега не ти се случило?
Зои Блаж: Хммм… Имам многу замисли, но никогаш не сум ги искажала пред да ми се остварат. Се надевам дека ќе продолжи да ми се случува она што го имам замислено како и до сега…
Музика24: Што би им посакала во новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?
Зои Блаж: Би им посакала да им биде уште поуспешна од 2012-та, да бидат живи и здрави, среќни, заљубени, да се дружат, да се сакаат меѓу себе и да им се остварат сите желби кои што ќе ги замислат и што не им се оствариле до сега. Со љубов Зои Блаж – Среќна Нова година и убав помин на сите!
Интервјуто го подготви: Александра Блажевска
