Библиотеката “Искра” од Кочани го одбележа 2-ри април – Меѓународниот ден на литературата за деца под мото “Другарувањето со книгите ни е песна”. Се одржа фестивал на децата, книгата и музиката, на кој учествуваа 350 ученици од петте кочански основни учлилишта, од градинката “Павлина Велјанова” и од центрите за изучување странски јазици кои работат во општината.
“Проектот се реализира со финансиска помош на Министерството за култура и со поддршка на локалната самоупрва на Кочани. Настојувавме низ игра и музика да ја доближиме книгата поблиску до децата, нашите потенцијални читатели”, изјави Магдалена Кочова-Салтирова библиотекар и координатор на проектот. Активностите од одбележувањето на Меѓународниот ден на литературата за деца ги следеше и делегација од Руската амбасада во Македонија. Во рамки на активностите се одржа средба со писателката за деца Билјана Црвенковска, а на креативната ликовна работилница учествуваше илустраторката Катерина Николовска.
Манифестацијата во Кочани беше збогатена и со настап на поетот за деца Александар Поповски, добитник на наградата “Ванчо Николески” на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга за деца во 2016-та година. На авторите на најуспешните поетски и ликовни творби од конкурсот по поводот Меѓународниот ден на литературата за деца им беа врачени награди и признанија.
Подготви: Виолета Трајковска
