Вчера вечер во 19.30 часот во ЦК “Марко Цепенков” беше отворена изложбата “Разјарено езеро” од Кристина Зимбакова, на која беа претставени 30 дела што соединуваат ликовна уметност, поезија и природни науки.
“Разјарено езеро” се триесетината ликовни остварувања кои ќе бидат претставени на изложбата провејува интердисциплинарниот приод кон ликовната уметност – спој на сликарството, поезијата и природните науки. Симболичниот и фигуративен израз, вткајувањето поетски мотиви од Благоја Ристески-Платнар и Ен Секстон, габите и лишаите како изразни средства и богатата текстура се клучни обележја на изложените дела. Сликите, создадени во последниве две години, се во комбинирана техника и често се поигруваат со границата меѓу слика и скулптура. Значителен број дела се креирани на рачно изработена хартија и пулпа од габи, а некои на мико-пена, што е биоматеријал од габен мицелиум и земјоделски отпад. Габите и лишаите се добиени од суви збирки или преку лични теренски истражувања, во соработка со научници од земјава и странство. Вметнати се впечатливи и ретки видови од Македонија, но и од САД, Јужна Америка, Арктикот и Антарктикот.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија во рамките на проектите содржани во Годишната програма на Национална установa, Центар за култура “Марко Цепенков” – Прилеп.
Подготви: Виолета Трајковска
