Оваа година главни ѕвезди на големата сцена на Широк Сокак во рамките на фестивалот “Битола отворен град 2017” се култниот сараевски рок бенд “Забрањено пушење” и македонските реге предводници “Conquering Lion”. Двете групи ќе настапат во среда на 28-ми јуни, со почеток во 21 часот на Широк сокак во Битола, во рамките на главниот музички хепенинг на фестивалот, во организација на Младинскиот културен центар – Битола.
Со гостувањето во рамките на овој меѓународен фестивал “Забрањено пушење” премиерно настапуваат во Битола. Публиката, која традиционално во голем број го посетува фестивалот, ќе има можност да го проследи настапот на овој реномиран бенд формиран во 1980-та година од неколку сараевски гимназијалци.
Македонскиот реге бенд “Conquering Lion” кој годинава одбележува 10 годишно успешно егзистирање на музичката сцена, досега имаат настапувано со големи реге имиња како што се “Gentleman”, Ras Zacharri, Donald Minott, Hornsman Coyote и други. Во фокусот на публиката во моментот е нивниот најнов, четврт по ред студиски албум “Land of confusion”. Албумот содржи девет песни во комбинација на жанровите реге, њу рутс и даб.
Сите настани на фестивалот “Битола отворен град” ќе се одвиваат на отворено и без влезници. Нашиот специјализиран музички портал оваа година е еден од медиумските покровители на фестивалот “Битола отворен град”.
Подготви: Филип Етмишовски
