Третиот по ред Меѓународен филмски фестивал за духовни, хумани и културни вредности “Богородичен покров”, годинава ќе се одржи од 15 до 18 октомври во Скопје, во Кинотеката на Република Македонија. На фестивалот се прикажуваат филмови со духовни, хумани, морални, религиски и семејни вредности и филмови од културното и духовно наследство.
Свеченото Отворање на Фестивалот е на 15 октомври/понеделник во 20 часот во Кинотеката на Република Македонија. Фестивалот е поддржан од Амбасадите на Чешката Република, Словачка Словенија, Романија и Босна и Херцеговина. На Свеченото отворање ќе се обратат Амбасадорите на Чешка, Словачка и Словенија и други поддржувачи и гости. Фестивалот ќе го прогласи за отворен Почесниот Претседател проф.д-р Јован Таковски, протојер-ставрофор, кој ќе ги додели и Дипломите за духовни и хумани вредности на покровителите и гостите.
Отворањето на фестивалот е со документарниот филм Очите на Фотографката, добитник на околу 70 интернационални награди, во режија на Матеј Минач, лауреат со бројни награди и признанија меѓу кои и наградата Emmy Award. Филмот е во Чешко-Словачка продукција и е дел од годинешната програма на одбележување на јубилејот 100 години од основањето на Чехословачка. Исто така, на фестивалот гостин ќе е режисерот Денис Бојиќ од Босна и Херцеговина – Република Српска, со својот филм Лицата на Лафоре, кој ќе има трибина на 17. Октомври во 12.00 часот во Кинотека на Република Македонија, за новите методи во светот на лекување на оваа тешка детска болест.
Основачи на фестивалот се Коле Јовановски, ТВ монтажер и режисер од МТВ и Зорица Костовска, ТВ и филмски продуцент, а членови на Програмскот совет Драги Таневски – директор на фотографија, Владимир Ангелов-филмолог, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и Зорица Костовска, директор на фестивалот. Фестивалот е и во спомен на основачот Коле Јовановски, кој годинава прерано се упокои во 58. година од животот. Изборот на филмови од неколку држави има за цел да придоне за воздигнување на човечките, духовните и семејни вредности во општеството. Организатор на фестивалот е Топ Ворлд – независна ТВ продукција од Скопје. Влезот на фестивалот е слободен.
