Културо

Балетот “Лебедово езеро” за отворање на “Есенските музички свечености”

Со балетот “Лебедово езеро” на Чајковски, љубовна приказна која ја раскажува вечната борба меѓу доброто и злото, вечер во Македонската опера и балет ќе бидат отворени 19те “Есенските музички свечености” кои ги организира Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.

Диригент е Бисера Чадловска, Украинецот Виктор Јеремко е кореограф, а неговите сонародници Андреј Злобин и Гана Ипатиева се автори на сценографијата и костимографијата на претставата. Ќе настапат балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Бобан Ковачевски и Игор Веланоски.

До 27ми ноември на програмата на “Есенските музички свечености” се оперската претстава “Марија Калас – час”, концертот на триото “Интерарт”, концертната промоција на цедето “Звуците на трските – опера трио” на Татјана Петрушевска-Караскаковска, Игор Бакревски и Марјан Милошевски и концертот на Горан Начевски, Страшо Темков и Елена Атанасовска-Ивановска со кој ќе заврши фестивалот.

Покрај домашни солисти и камерни состави, ќе гостуваат и странски уметници – пијанистот Јожеф Балог од Унгарија, виолинистката Агата Кмак и пијанистот Марсин Гузик од Полска и камерниот оркестар „Аморосо“ од Србија.

Настаните се, пред се, од класичната музика и претежно од камерни ансамбли, но оваа година програмата е збогатена со друг музички жанр – годинава со фолклор. По повод стогодишнината од раѓањето на Никола Бадев на концерт на 15ти ноември во МОБ ќе настапат 20-ина изведувачи.

Можеби ќе ве интересира: