Имам нешто да те прашам

Дани: Посакувам македонската музика да си ја добие вредноста која ја заслужува (Интервју)

Нов ден, ново интервју. Денешното новогодишно интервју на Музика24 е со една од најпознатите македонски пејачки Дани Димитровска. Дани во кариерата долга веќе 20 години зад себе има голем број успеси и хит-песни. Дани ексклузивно за Музика24 ги сподели сеќавањата за новогодишните празници и Дедо Мраз од своето детство и растењето на синот Лазар. Во продолжение уште прочитајте за филмското искуство на Дани и новиот сингл со три женски вокали кој ќе излезе наскоро.

Музика24: Како се чувствуваш кога доаѓа овој период од годината? Дали се радуваш како “мало дете” на целата предновогодишна и празнична атмосфера и еуфорија или пак сето тоа за тебе се само обични денови во кои малку повеќе се одмараме, забавуваме и поминуваме време со најблиските ?

Дани Димитровска: Овие периоди се секогаш возбудливи, весели и полни со надеж за подобро утре. Овие чувства се дефинирани токму од детството кога од нетрпение не сме можеле да заспиеме. Кога сме живееле во безгрижност. Тие чувства никогаш нема да избледат, бидејќи асоцираат на убави спомени, на заедништво, единство и љубов за ближниот. Во овие периоди секогаш се буди детето во мене кое за волја на вистината и ретко кога спие.

Музика24: Оваа година нема новогодишни прослави на плоштадите. Имајќи ги во предвид околносите како планираш да ја испратиш 2020-та, а ќе ја дочекаш Новата 2021-ва година?

Дани Димитровска: Нова година вообичаено сум ја поминувала со настап на некој плоштад, после настап наздравувам со своето второ семејство – бендот и вечерта ја поминувам дома. Традиционално. Овој пат ќе наздравам со бендот преку зум. Ја сакав домашната новогодишна атмосфера отсекогаш па и сега.

Музика24: Какви сеќавања за новогодишните празници и Дедо Мраз имаш од твоето детство и периодот кога Лазар беше мал ?

Дани Димитровска: Оние настани – (комшијата од трети кат прерушен во Дедо Мраз со чудно мутиран глас, мустаќи од памук и вреќа подароци) што ги приредувале моите родители следствено ги организирав и јас за мојот син во оние години кога веруваше во бајки. Му го обожавав изразот на лице при средба со Дедо Мраз, неговото срцебиење и детска радост. Мајка ми во такви моменти не пропушташе да ја сподели мојата возбуда кога сум била малечка, детално опишувајќи ми го лицето и треперењето. Во тој момент, се отвара стариот добар албум со слики од минатото и смеењето е неизбежно… Да, моите родители сеуште го третираат албумот со слики за единствен начин на чување слики тотално игнорирајќи ја новата технологија. Ова се тие спомени за кои говорев погоре, кои се прекрасни за семејно еднување и доживување кое се раскажува во семејството во овој период од годината

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и да се надеваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови и желби за Новата 2021-ва година? Што би сакала да ти се оствари на професионален или приватен план ?

Дани Димитровска: Во план ми е да останам здрава. Посакувам цела моја земја да постане здрава и да се издигне од пепел… посакувам насмеани граѓани, срдечни, успешни… граѓани со висока свест и една иста цел. Посакувам народ кој повеќе го цени своето отколку туѓото. Посакувам македонската музика да си ја добие вредноста која ја заслужува. Посакувам нормалност. Посакувам реализација на музика, музика која издигнува и инспирира. Посакувам мир.

Музика24: Светот се успори во 2020-та, но музиката опстојува. Кој настан/песна/албум/видеоспот според тебе ја обележа 2020-та година?

Дани Димитровска: Тоа што ја одбележа оваа година на музички план во светски рамки е поентирањето на тоа што претставува музиката во време невреме. Светските музичари се обединија (Live Lounge Allstars) и снимија секој од својот дом една постара песна од Foo Fighters, со наслов – Times Like These. Кажувајќи му на светот дека вистинската квалитетна музика е поддршка, љубов и надеж во едно. Дека квалитетната музика е подадена рака, невидлива врска која спојува. Не потсетија за брзиот свет и несвесното губење на вредноста на вистинската музика во замена со индустријализираната.

Музика24: Се појавуваш во филмот “Хомо” на Игор Иванов – Изи. Како си помина на снимањето? Беше дел и од “Панкот не е мртов”. Дали се гледаш себе си како актерка?

Дани Димитровска: “Хомо” ми е второ филмско искуство и за разлика од првото (“Панкот не е мртов”), почувствував стабилност и не пробував да ја сфатам магијата, само и се препуштив. А уствари во тоа било магијата. Кинематографијата ми е озбилна љубов и се надевам на повеќе вакви искуства. Се воодушевував на професионалноста на актерите и начинот на влагање во улогите. Филмот е друга димензија и го обожавам.

Музика24: Пандемијата ја одбележа 2020-та година. Како Дани се носеше/носи со пандемијата (општо, но и на професионален план) ? Имаше неколку настапи и не престани да твориш, но ми се чини дека пандемијата посебно ги погоди артистите.

Дани Димитровска: Пандемијата ги погоди сите. Сожалување не е потребно, но свест е потребна за значењето на постоење музичка култура. Музиката не е хоби туку професија. Ќе работам и пеам дур грлово ме служи. Не рацете. Грлото. Во најскоро време излегува сингл – три женски вокали што пеат за една цел. Staytuned…

Музика24: За крај на ова наше новогодишно интервју, што би им посакала на обожавателите и читателите на Музика24 ?

Дани Димитровска: Посакувам сите да отпочнеме од себе… да живееме во слога и човекољубие. Посакувам здравје и соживот. Среќна Нова 2021-ва Година.

 Интервјуто го подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: