Од неодамна е водителка на најзабавното и најгледано кулинарско шоу “Брза кујна” на ТВ Сител. Со својата насмевка, позитивност и ведрина секојдневно ги плени гледачите на ТВ Сител заедно со најдобрите готвачи во нашата земја. Заљубена е во своето момче, а секогаш кога се ближи Новата година е посебно радосна на се она што ни следи со самите празнични денови.
И Сања Савеска е дел од нашето интересно, но кратко новогодишно интервју. А што ни одговори таа… прочитајте во продолжение.
Музика24: Што е она по што ќе ја паметите 2020-та година, годината која што за само неколку часа ќе биде наше минато?
Сања Савеска: Не верувам дека некој ќе има поинаков одговор. Дефинитивно ова беше година кога целиот свет запре со својата динамика, застана се пред немилосрдниот и невидлив непријател КОВИД-19. Пандемијата која се појави е нешто што додека сме живи верувам нема да го заборавиме. Беше ова многу тешка и непредвидлива година, во која сепек индивидуално, сите се боревме и за нешто што ќе внесе трошка светлина, надеж и ќе не охрабри да истраеме се додека оваа чума не си замине.

Музика24: Дали има нешто што посебно Ви се случи во текот на оваа година и Ви остави посебен впечаток?
Сања Савеска: Сосема неочекувано, но длабоко во себе посакувано, токму во годината кога не верував дека може да има промени, добив шанса да бидам водителка на најзабавното и најгледано кулинарско шоу “Брза кујна” на ТВ Сител, па по 9 убави година во ТВ 24, направив трансфер и на тој начин оставрив еден свој сон. Сега уживам во шоуто, многу ми е драго што публиката ме прифати, и што во оваа но во и следните сезони заедно со омилемите шефови Марк и Никола секојдневно сме и ќе бидеме гости во нивните домови.
Музика24: Која е според Вас најслушаната песна за 2020-та година?
Сања Савеска: Уфффф, многу песни, многу хитови се создадоа во време на карантин и светска пандемија, нешто што ни даваше убаво расположение во миговите дома со најблиските. Ако баш морам да одвојам, тоа нека биде Sam Smith – “Diamonds”, песна што овие денови не ми и излегува од глава, а според мои кликови, за мене веројатно и најслушана.

Музика24: Што би си посакале себе си, на своите блиски и најсакани и секако на читателите на единствениот македонски музички портал Музика24?
Сања Савеска: И тука сите имаме една заедничка желба, верувам не постои човек кој не сака да се врати старата нормалност, да ги тргнеме маските, средствата за дезинфекција, да не се плашиме да се дружиме и конечно да исчезне како и што дојде, вирусот кој одзеде многу животи. Посакувам за сите многу здравје, љубов и искрено почитување помеѓу луѓето. Сакам сите да извлечат поука од ова зло, да не заборавме и понатаму дека семејството, домот, блиските ни се најискреното и најсигурно нешто што го имаме, секој миг е важен, секој збор е драгоцен, секоја прегратка лекува. Посакувам во новата година да имаме многу убави насмевки кои нема да ги криеме под маските, многу убави песни кои заедно на маса безгрижно ќе ги пееме, концерти, претстави, патувања, спортски натпревари…..на сите ваши читатели од срце им ја честитам новата година и ќе им посакам животот да им биде весела песна.
Подготви: Редакција Музика24
