Имам нешто да те прашам

Гордана Ендровска: Би сакала Новата 2022 година да ме изненади, пријатно, се разбира (Фото+Видео)

Гордана Ендровска е родена на 2 септември 1972-та година во Битола и таа денес е позната македонска театарска, филмска и телевизиска глумица. Дипломирала актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1997 година. Од 2000-та година работи во Драмскиот театар во Скопје. Досега има играно многу улоги во навистина многу театарски претстави, неколку тв серии и играни филмови, а тука да не ги заборавиме и македонските народни приказни.

Таа вели дека освен театарските и останати улоги, колку и да звучи чудно, нејзината кариера ја одбележа ликот на Ферхунде која што како пред 10 години, така и неодамна ја синхронизираше. Истата се репризираше на тв екраните, па често луѓето ако не по ликот и маската која што ја носи, ја препознаваат и по гласот. Освен тој лик, таа вели дека синхронизира многу ликови од турските серии и тоа го прави со многу љубов. Инаку, ужива во времето поминато со своите ќерки, и внучето Димитар.

Што Гордана одговори во прашањата од нашиот новогодшен серијал на интервјуа, како и на кој начин ја прославува Новата година, кои се нејзините желби и пораки за 2022-та година… прочитајте во продолжение:

Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири,  ковид вакцинацијата, сертификатите… По што вие лично ќе ја паметите оваа 2021 година?

Гордана Ендровска: Со оглед на околностите во кои живееме, пасивниот начин на живот не може да донесе мигови за паметење вредни. Годинава ми помина без поголема возбуда, освен враќањето на сцена. Имено, работиме нова претстава после две години апстиненција. Се радувам на повторната средба со публиката на премиера. Повелете во Тетово на 17-ти и 18-ти декември, ќе имате што да видите.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е вашиот избор од она што беше понудено?

Гордана Ендровска: Со сиот респект кон нашите музички имиња ми се допаѓаат како израз Теа (дуетот со Дупер), потоа Александра Јанева, а “Funk Shui” можам да ги слушам постојано и во секоја прилика. Во принцип сакам да ги поддржувам нашите, македонски изведувачи и автори. Не можам сите да ги набројам, нека ми простат, воглавно ја почитувам целата македонска естрада.

FUNK SHUI - НЕ ВРЕМЕ (feat. Вера Љубојна)

Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој се прославува на различен начин. Лично како посакаувате да ја дочекате новата 2022 година?

Гордана Ендровска: Би сакала во Новата година да влезам здрава, опкружена со најсаканите, без очекувања и би и дозволила на Новата 2022 да ме изненади, пријатно, се разбира.

Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имате добиено или можеби подарено?

Гордана Ендровска: Пред две години при дочекот на Новата 2020, најубав подарок ми беше веста дека за прв пат ќе станам баба.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали лично ја чувствувате таа празнична еуфорија и колку умее да ве понесе?

Гордана Ендровска: Бидејќи сме пред премиера деновиве ги минувам во театар, на сцена така што немам време и можност да и’ дозволам на таа еуфорија да ме понесе. По 18-ти декември ќе си дадам оддишка и ќе си го приуштам тоа задоволство.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се вашите желби за новото Господово 2022 лето?

Гордана Ендровска: Нема да зборувам на глас за желбите, се плашам дека нема да ми се исполнат. Само на Дедо Мраз му се кажуваат, нели?

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатиле до вашите обожаватели и читателите на музичкиот портал Музика24?

Гордана Ендровска: Мојата порака за 2022… Сакајте и дозволете да бидете сакани, не губете ја надежта, верата и вербата. Животот е убав!!! Не заборавајте. Ве гушкам.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: