Балканленд

Црна Гора: Бреговиќ обвинет за дивоградба и узурпација на земјиште

Горан Бреговиќ е сослушан во Основното државно обвинителство во Котор поради сомнение дека запоседнал 4 квадрати туѓа земја. Бреговиќ на судењето изјави дека не ја признава вината и извршувањето на кривичните дела што му се ставаат на товар.

“На локацијата немаше градба, само ѕидот што беше таму беше саниран. и кога ја купив парцелата вратата која беше поправена исто така беше на ѕидот, бидејќи само така се влегуваше во градината. Единствено е што малку ја помрднав вратата и ставив едно скалило, а не две”, изјави Горан Бреговиќ.

Тој се товари за кривично дело градење објект без регистрација и документација за градење и кривично дело бесправно заземање земјиште. Фронтменот на „Оркестарот за свадби и погреби“ и фронтмен на познатата југословенска рок група „Бијело дугме“, се појави во судницата лежерно облечен, во фармерки и темни наочари.

Изјавувајќи дека не ја признава вината и извршувањето на кривичните дела што му се ставаат на товар, Бреговиќ пред судијката Данијела Самарџиќ и државната обвинителка на ОДТ Котор Љиљана Милиќ рече дека не мрднал ништо, дека ѕидот е „само поправен“. и дека сè уште се гледаат делови од стариот ѕид.

На прашање на адвокатот Мирослав Вучетиќ, полномошник на оштетениот Божо Кушевија, тој рече дека не барал дозвола или документација пред поправката, бидејќи сметал дека тоа не е потребно.

“Ѕидот што го поправав, пред тоа беше од цврст камен. Не контактирав со Кушевија, бидејќи ѕидот не е блиску до неговата парцела”, изјави Бреговиќ.

На прашањето дали недвижноста ја купил со базен, тој рече дека кога ја купил парцелата имало цистерна која испуштала вода, па наместо неа изградил базен, откако пластичната цистерна што ја ставил во резервоарот почнала да тече.

На прашањето дали побарал одобрение за базенот, Бреговиќ на сугестија на својата бранителка, адвокатката Данијела Радуловиќ, рече дека не сака да одговори. Наведе дека локацијата на куќите и распоредот е ист како и кога ја купил зградата, а на локацијата нема објект што вештакот го навел во својот извештај.

“Таму имаше помошен објект, кој веќе го нема. Има настрешница што се затвора со платно, односно платното го поставуваме само во зима, бидејќи таму ги складираме лежалките”, рече композиторот.

Тој истакна дека за скалите направил едно скалило пред вратата што сам ја отворил, наведувајќи дека пред вратата има скалило кое претходно било на потесен дел.

“Запознаен сум со законските прописи за делот на Пераст, односно Котор, но мислев дека не градам ништо, туку поправам. Не би го ни поправал тој дел да не се градат куќи околу него”, рече Бреговиќ и додаде дека не знае дали има камења или дел од ѕидот во делот каде што сега е отворена вратата.

Бреговиќ рече и  дека спорниот ѕид на земјиштето чиј сопственик е тој секогаш бил таму.

“Не го мрднав ни милиметар, точно каде беше, сега е уште таму. Ако геодетот утврди дека влегов во државно земјиште, ќе побарам да го купам или да го урнеме ако влегов, но несакајќи влегов”, рече тој.

На прашањето на адвокатот Вучетиќ дали тој лично ја извршувал работата или вработил некого, тој изјави дека не може да гради.

“Не можам да градам со камен, јас сум композитор”, рече Бреговиќ.

Можеби ќе ве интересира: