Фестивали

Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, открива: “Пивофест” ќе има и ќе се одржи од 31-ви август до 3-ти септември 2023

Како што дознава музичкиот портал Музика24, “Пивофест” годинава ќе има. Иако поради веќе познати причини истиот се одложи и презакажа за следната 2024-та година од т.н. организатор, од страна на Општина Прилеп тоа го негираат и најнова информација е дека Фестивалот на пивото и скарата годинава во Прилеп ќе се одржи кон крајот на месец август, неофицијално од 31-ви август до 3-ти септември.

Градоначалникот на Општина Прилеп тоа го потврди и вели дека иако можеби традиционалниот термин е поминат, ништо не е загубено.

“Секако дека годинава ќе го има “Пивофест”. Јас во изминатите две недели го најавив и продолжуваме во духот на таа традиција да се одржи Фестивалот на пивото. Без разлика што тој е моментално одложен, до крајот на месец август ќе се одржи, бидејќи е од огромно значење за градот, заживува чаршијата, дуќаните… локалниот економски развој, општо економијата во градот се подобрува, привлекува огромен број на туристи и посетители, навистина град Прилеп живее за тие неколку дена и во духот на традицијата, сигурно ќе го одржиме”, изјави Градоначалникот на Општина Прилеп, Г-нот Борче Јовчески.

Што се однесува до одложувањето на фестивалот од веќе стандардниот термин, средината на месец јули, Јовчески рече дека сето тоа било поради организациската способност на пријавените кои сакаат да го организираат фестивалот, програмата која тие ја понудиле на општината и според анализите кои тие ги имаат направено заклучено е дека има можност за одложување и одржување во друг термин на овој надалеку познат пиво фестивал.

И покрај тоа прилепчани се незадоволни и бесни, кои велат дека кога веќе е одложен фестивалот од познатиот и традиционален термин, зошто воопшто би се одржал во месец август кога речиси сите се некаде заминати на летување, а и веќе вратените од истиот се подготвуваат за септемвриските обврски, новата учебна година и се она што го носи крајот на летото.

Останува да ги дочекаме официјалните информации од Општина Прилеп, кој рака на срце до сега требаше да одржат прес-конференција и да ја образложат целата состојба со “Пивофест”, старо-новиот организатор, сеуште неразјаснатите летоци и уплатените финансиски средства како и многу непознати работи за кои сите ние се уште немаме одговор.

Можеби ќе ве интересира: