Тој е млад, симпатичен и енегичен… талентиран и си ја сака својата работа. Музиката е дел од неговиот живот, а и тој дел од музиката. Од неодамна со својот бенд настапува низ македонски градови, кафулиња и ноќни клубови… едноставно го работи она што го сака, со музиката ги забавува сите останати, а и себе си. 2023-та ќе ја памети по многу добри но и лоши искуства. Вели дека новогодишната еуфорија за него ништо не значи, а и дека не очекува пакетче од Дедо Мраз.
Почитувани читатели, во новогодишниот серијал на интервјуа… Марио Арангеловски – поп пејач, дел од македонската музичка сцена.
Уживајте!
Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?
Марио Арангеловски: 2023-та година за мене беше сериозно исполнета со разни предизвици, успеси, падови, но и многу нови искуства и спомени, за кои што сметам дека ми се од најголемо значење. И приватно и професионално сметам дека се стекнав со многу нови искуства преку кои што видливо созреав. Глобалните “предизвици” исто така имаа серизоно влијание на моето расположение, но, живи све, здрави сме, а, тоа е најважно.
Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?
Марио Арангеловски: Не знам дали прашањето алудира на македонска дискографија во изминатата година, или е генерално. Во тој случај, новите албуми на Карлеуша се нешто што мене ми остави најголем впечаток. Кога сме кај македонската музика, искрено, ни ме можам да се сетам на хит песна од тековната година. Би ја потенцирал “Бела” на Пајак и Лара, која е се уште подеднакво актуелна како и минатата година, кога излезе, чинам.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите… Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?
Марио Арангеловски: Ќе излажам ако кажам дека чувствувам било каква еуфорија во однос на Новата година и празниците кои ни се ближат. Преокупиран сум со работа, ниту имам време за некои сериозни организации, ниту милувам да се форсирам.
Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно според што се водите кога бирате новогодишен подарок?
Марио Арангеловски: Новогодишните подароци ги доживувам само и исклучиво како давање на дознаење кој, колку ви значи. Новогодишна честитка некогаш ми значи многу повеќе од било што, материјално. Таа топлина, почит… повеќе алудирам на сентиментална посветеност. А, кога се материјалното работи во прашање, најчесто им го купувам на блиските она што сигурно знам дека им е потребно, го спомнале, а, не им е приоритет.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?
Марио Арангеловски: Јас себе си се сметам за многу лојален пријател, син, брат… Така што, неретко милувам да си направам некој “длабок” муабет со блиските, за да бидем во тек со апсолутно сите нивни чувства, предизвици, убави или помалку убави случувања.
Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?
Марио Арангеловски: Имам чувство дека премногу сум посветен на апсолутно се. Би сакал да се растеретам. Да го работам само она во што вистински уживам, без дополнителен притисок од околината. Уморен сум. Но, не би менувал апсолутно ништо, онака непромислено, оти верувам дека се што ни се случува, се случува со причина.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?
Марио Арангеловски: О, да. Ни не се сеќавам на период во животот кога музиката била исклучена од мојот живот. Додека возам накај работа, секое сабајле ми почнува со песна. Зависно од тоа во какво расположение сум, но, деновиве сум опседнат до “Магија” од Јован Јованов.
Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?
Марио Арангеловски: Ниту сум верувал, ниту верувам во Дедо Мраз. Симпатичен ми е тој мит, и целиот тој “хајп”, но, не оставам пораки, ниту очекувам да ми донесе пакетче.
Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?
Марио Арангеловски: Со оглед на тоа дека неодамна повторно почнав со настапи во живо, се трудам целиот фокус да го пренасочам на тоа и конечно во целост да и се посветам на музиката. Па, ако мора да потенцирам една желба за во 2024, тоа нека биде да ја поминам цела Македонија, сите градови и локали од каде што ќе ме побараат.
Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?
Марио Арангеловски: Искрено, се уште не знам каде, кога и како ќе ја дочекам Новата година, но, ни не сакам да де оптеретувам. Оставам да ми се случи спонтано, а, не се ни сомневам дека ќе биде убаво.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?
Марио Арангеловски: Професионално, целта или желбата ја споделов во одговорот на претходното прашање. Приватно, само посакувам сите сакани да ми се живи и здрави, да сум растеретен од непотребни приоритети и да уживам во апсолутно секој ден, кој ми е даден.
Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?
Марио Арангеловски: Во едно вакво време, не би им посакал ништо друго освен здравје. Звучи можеби излитено, оти многу често тој термин се користи по дифолт. Но, на крајот од денот, ништо не е поважно од тоа да сме живи, здрави и среќни. Па, како јас, така и сите вие посакувам да сведочите само на убавини.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
