Oasis се враќа на музичката сцена. Познатиот британски бенд потврди дека повторно ќе се обединат и ќе почнат турнеја, која вклучува 14 концерти во Велика Британија и Ирска во текот на следната година.
Иако претходно имаше шпекулации дека ќе бидат главни ѕвезди на фестивалот Glastonbury и ќе одржат 10 концерти на стадионите „Вембли“ и „Етихад“, тоа нема да се случи, пишува „Гардијан“.
Наместо тоа, настапите на браќата Галагер ќе бидат организирани во јули и август на стадионите во Кардиф, Лондон, Манчестер, Единбург и во Даблин. Билетите ќе бидат пуштени во продажба на 31 август во 9 часот, а цените ќе бидат објавени истиот ден. Тие планираат концерти и во други европски градови подоцна следната година.
„Немаше голем момент што доведе до повторно обединување. Тие, едноставно, со текот на времето сфатија дека сега е вистинскиот момент“, се вели во соопштението.
