Престојното 33. издание на џез фестивалот во Гимараеш, Португалија, што ќе се одржи од 7- 16 ноември, ќе биде заокружено со настапот на Октетот Џијан Емин со Симфонискиот оркестар на Гимараеш. Оваа соработка е всушност дел од проектот на фестивалот и оркестарот на Гимаареш, кој веќе седма година избира иновантна авторска музика од целиот свет која се изведува заедно со португалските музичари.
„Еклектицизмот и стилската различност беа доминантна нота на минатите избори направени од фестивалот во однос на ова партнерство. Беа експериментирани различни формати и композитори поврзани со џез рок (Нелс Клајн), со европски оркестарски џез-поп (Лина Ниберг) или со бразилска музика под влијание на џезот (Леа Фреир), меѓу другите од различни стилски и географски широчини, решително придонесоа за нејзиниот раст“, стои во појаснувањето на организаторите на фестивалот.
Оттаму, препознавајќи ја автентичноста и ингениозноста, нарекувајќи го нашиот Џијан Емин „идиосинкратски македонски музичар“, го најавуваат концертот како „исклучително современо патување низ хибридни звуци без граници“.
„Во 2024 година, балканската традиционална музика – на крајот еден од изразите на европската народна музика со најголем одек и најимпресивно присуство во глобалното музичко имагинарно ќе влезе во флуидните територии на џезот преку рацете и талентот на идиосинкратскиот македонски музичар Џијан Емин кој ќе го предводи Оркестарот на Гимараеш како и осум македонски музичари кои ќе го придружуваат на исклучително современо патување низ хибридни звуци без граници“, пишува во фестивалската најава за концертот.
Диригент на концертот е маестро Џијан Емин, а како солисти ќе настапат Кирил Кузманов, Трајче Велков, Иван Иванов, Сашко Николовски, Гордан Спасовски, Кирил Туфекчиевски и Гоце Стефковски. На фестивалот ќе настапат водечки светски имиња како Марија Шнидер со својот „Класи оркестар“, Лео Вадада Смит Крег Таборн, Џеф Балард, Амброуз Акинмузир.
