Во прв ред

Празнична програма за Бадник и Божиќ во Крива Паланка

Општина Крива Паланка ќе ги одбележи најголемите христијански празници, Бадник и Божик, со богата празнична програма во духот на традицијата. Настаните ќе бидат исполнети со радост, музика и заеднички моменти за сите граѓани.

Прославата за Бадник ќе се одржи на 6-ти јануари, со почеток во 11:00 часот, на Градскиот плоштад. Настанот ќе започне со Бадникова поворка, во која ќе учествуваат повеќе од 200 деца, носејќи божиќни ѕвезди и пеејќи празнични песни. Поворката ќе се движи од плоштадот Карпошово востание до Градскиот плоштад, каде ќе следи мал концерт со традиционални коледарски и божиќни песни. Во рамките на прославата ќе се одржи и избор на бадникарски кум за 2025 година, со празнична молитва.

Традиционалната бадникова трпеза ќе понуди посни јадења по симболични цени, а собраните средства ќе бидат донирани на матурантите од семејствата во социјален ризик.

На 7-ми јануари, со почеток во 18:00 часот, на Градскиот плоштад ќе се одржи Божиќен концерт. Програмата започнува со настап на Детскиот музички хор „Симитчиња“, по што следува концерт на познатото Трио Џентлмен, кои ќе изведат свечени и класични божиќни евергрини. Специјален гостин на вечерта ќе биде малиот Ајдин Османовиќ, познат како „ангелскиот глас од БиХ“, во придружба на својот професор Јасмин Брашњиќ.

„Настаните се организирани за граѓаните да ги споделат празничните моменти, да ја слават традицијата и семејните вредности, и да внесат радост и обединување во овој посебен период од годината“, велат од Општина Крива Паланка.

Организацијата на настаните е поддржана од ЛУ Градски музеј, НУ Центар за култура, училиштата, културно-уметничките друштва и Центарот за аудиовизуелни уметности.

Можеби ќе ве интересира: