Во прв ред

Салса, љубов и радост – „Тумбао салса бенд“ се враќа со голем концерт во МОБ на 31 октомври (Фото)

По една деценија, „Тумбао салса бенд“ повторно ќе ја загрее скопската публика со концерт на 31 октомври во Македонската опера и балет, со почеток во 20 часот. Бендот, кој повеќе од 20 години го предводи познатиот музичар Петар Ренџов, последен пат имаше поголем концерт во Скопје во 2015 година, токму во Универзална сала – пред таа да ги затвори вратите.

Овојпат на сцената на МОБ, на „Тумбао“ ќе им се придружат и специјалните гости Ивана Стојановска, Биљана Ѓошева, Ристо Самарџиев и Мики Јовановски-Џафер, кои ќе ја збогатат вечерта со свои изведби.

„Приказната на „Тумбао салса бенд“ е единствена и специјална, носи со себе ритмика на карипскиот звук, кој ја проширува основата на македонската традиционална музика. Во овие 20 години создадовме автентичен звук и доживувања кои повикуваат на среќа, игра и љубов. Концертот ќе биде вечер на македонско-кубанска музичка среќа“, вели Петар Ренџов.

Последниот концерт на бендот во Универзална сала во 2015 година остана запаметен како еден од највеселите во тоа време. Столчињата од партерот беа отстранети, а водителката Марјана Станојковска и танчарот Илија Карадаковски ја учеа публиката салса чекори, претворајќи ја салата во вистинска танцувачка арена.

Скопјани повторно ќе имаат можност да ја почувствуваат таа енергија и да бидат дел од музичко патување што ја спојува македонската со кубанската традиција, со неизбежна доза на џез и многу радост.

Билетите за концертот се веќе во продажба преку мрежата на Мк тикетс.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: