Во прв ред

14 години Музика24.мк – успешната приказна која предизвика револуција на македонскиот интернет-простор

На 1-ви декември 2011 година никој не можеше да предвиди дека една идеја, родена од љубов кон македонската музика, ќе прерасне во најголемиот, најчитаниот и единствениот вистински музички портал во Македонија – Музика24.мк. Од првиот напис до денес, поминаа точно 14 години исполнети со илјадници вести, интервјуа, премиери, видеоспотови, концерти и моменти кои ја обликуваа македонската музичка сцена.

Започнавме само со ентузијазам, без финансиски мотиви, без поддршка и без претензии за огромен успех. Единствената цел беше да се зборува за македонската музика – за нашите пејачи, автори, таленти и приказни кои ја заслужуваат светлината на рефлекторот. Од таа искра се роди еден портал кој денес е препознатлив по своите вести, првите информации, ексклувности и по довербата која ја изградивме со публиката.

Музика24 успеа она што многумина не веруваа дека ќе биде возможно – да опстане, да расте и да стане најпосетениот музички медиум во земјата. Денес зад нас стојат милиони прегледи, десетици илјади следбеници и публика која секојдневно чита, коментира, поддржува и нè следи од првиот ден.

Во следните 365 дена ветуваме уште повеќе – нови проекти, ексклузивни интервјуа, нови рубрики, посериозни содржини и освежување на порталот кое веќе ќе биде видливо по новогодишните празници. Ќе продолжиме да бидеме први, да пробиваме граници и да чекориме пред сите кога станува збор за македонската музичка сцена.

До следниот јубилеј – до големата 15-ка – останете со нас. Бидете наша инспирација, поддршка, најстрог критичар и најголем навивач. Ви благодариме на довербата, на посетеноста и на тоа што сите овие години сте дел од најубавата музичка приказна на интернет.

Музика24 слави 14 години. И ова е само почеток.

Иван Јосимовски – Главен и одговорен уредник на музичкиот портал Музика24

Можеби ќе ве интересира: