Културо

Промоција на драми, изложба и разговор за творештвото на Дејан Дуковски во Прилеп (Фото)

Шеесеттото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ денеска му оддава почит на еден од најзначајните современи македонски драмски автори – Дејан Дуковски. Со богата програма составена од изложба, книжевна промоција и разговор за неговото творештво, фестивалот го става во фокус авторот чии драмски текстови веќе со децении се дел од светските театарски сцени.

Програмата започнува во 18 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“, со настап на студенти од Факултетот за драмски уметности кои работеа под менторство на режисерката Шенај Мандак. Потоа ќе биде отворена изложба на театарски постери од претстави поставени според драмите на Дуковски низ целиот свет, чија авторка е Јасмина Алексова.

Во продолжение ќе бидат промовирани новите изданија „ДРАМИ – Книга 1“ и „ДРАМИ – Книга 2“, објавени од „Арс Ламина“ во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“. За значењето на овие изданија ќе зборуваат уредничката Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и авторка на поговорот. Првата книга ги содржи драмите „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“, дополнети со предговор од режисерот Слободан Унковски. Во втората книга се објавени „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и најновата драма „Црно злато (Опиум или Пари)“, која годинава ја имаше својата праизведба во Белград.

Покрај програмата посветена на Дуковски, фестивалската вечер продолжува со две претстави од официјалната селекција. Во 19 часот, на сцената 105, Театарот за деца и младинци ќе ја изведе претставата „Чечинџ“ од Јане Спасиќ, а во 21 часот Штипскиот театар ќе настапи со „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо во режија на Ивана Ангеловска.

Во рамките на фестивалот продолжува и пичинг-форумот „Драмолетање 2.0“, кој отвора простор за нови драмски автори и нивно поврзување со театрите и продукциите. Младите автори Катерина Момева, Габриела Стојаноска Станоеска и Мартин Миљев работат на развивање на своите текстови и нивно претставување пред професионалната театарска јавност. Фестивалот годинава посебно внимание им посветува и на прилепските театарски дејци. Вчера беа отворени изложби во чест на Лидија Иваноска, Трајче Иваноски и Благоја Ивчески, преку кои публиката има можност да се запознае со нивните богати уметнички кариери и лични архиви.

Со спојот на современа драма, нови авторски гласови и почит кон театарското наследство, 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ продолжува да ја потврдува својата улога како најзначајна национална театарска сцена и место каде што минатото, сегашноста и иднината на македонскиот театар се среќаваат.

Можеби ќе ве интересира: