Музика на кирилица

Вечерта кога никој не знаеше дека го слуша Тоше за последен пат (Видео)

На денешен ден во 2007 година, Македонија беше сведок на вечер која засекогаш остана запишана во музичката историја. На 5 октомври, на тогашниот Градски стадион во Скопје, Тоше Проески го одржа својот последен концерт – спектакл исполнет со емоции, љубов и хуманост, без никој да претпостави дека тоа ќе биде неговото последно дружење со публиката.

Концертот беше организиран со хуманитарна цел, а средствата собрани од продажбата на билетите беа наменети за реконструкција на голем број училишта низ Македонија. Како и многупати претходно, Тоше уште еднаш покажа дека неговата големина не се мереше само со музиката, туку и со неговото огромно срце.

„Чест ми е што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме поздраво општество“, изјави тогаш Тоше.

Само 11 дена подоцна, на 16 октомври 2007 година, Македонија ја погоди една од најголемите трагедии во својата понова историја. На автопатот кај Нова Градишка во Хрватска, во сообраќајна несреќа, животот го загуби Тоше Проески. Имаше само 26 години, но зад себе остави дело кое многумина не успеваат да го создадат ниту за цел живот.

Tose Proeski - Igri bez granici Gradski Stadion Skopje (05.10.'07)

Роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, а израснат во Крушево, Тоше уште од најрана возраст го покажа својот исклучителен музички талент. Кариерата ја започна кон крајот на деведесеттите години, а за кратко време стана најголемата македонска музичка ѕвезда и едно од најпрепознатливите имиња на Балканот. Со песни како „Игри без граници“, „Тајно моја“, „Чија си“, „Синот Божји“, „Среќна ли си ти“, „The Hardest Thing“ и многу други, ја освои публиката далеку надвор од границите на Македонија. Освен како извонреден вокал, Тоше ќе остане запаметен и како голем хуманист. Во 2004 година беше именуван за Амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, активно учествуваше во бројни хуманитарни акции и секогаш веруваше дека успехот има вистинска вредност само кога се споделува со другите.

Во негова чест, денес националната арена во Скопје го носи името „Национална арена Тодор Проески“, а неговите песни и понатаму живеат преку милиони слушатели, нови генерации и безброј спомени.

Поминаа години, но времето не успеа да ја избрише празнината што ја остави. Напротив, со секоја нова генерација станува сè појасно дека Тоше Проески не беше само извонреден пејач. Тој беше симбол на човечност, скромност, добрина и љубов кон музиката.

Некои концерти завршуваат со последниот аплауз. Концертот на Тоше Проески од 5 октомври 2007 година никогаш не заврши – неговите песни и денес одекнуваат во срцата на милиони луѓе, потсетувајќи дека вистинските уметници никогаш не заминуваат.

Текстот го подготвија: Иван Јосимовски и Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: