Културо

„Доктор Офболи“ повторно на сцената на Македонската опера и балет

На 26 септември (сабота), со почеток во 19:00 часот, на сцената на Македонската опера и балет ќе биде изведена детската балетска претстава „Доктор Офболи“, една од најомилените и најгледани балетски претстави за најмладата публика.

Инспирирана од истоимената сказна на рускиот писател К. Чуковски, оваа бајковита претстава ја раскажува вечната борба меѓу доброто и злото, испраќајќи силна порака дека добрината, храброста и пожртвуваноста секогаш победуваат. Преку богатата музика, впечатливата кореографија и сценската магија, публиката ќе биде воведена во свет исполнет со возбудливи авантури и незаборавни ликови.

Музиката за претставата е на Игор Морозов, додека кореографијата ја потпишува познатиот руски балет-мајстор Михаил Крапивин. За визуелниот изглед на претставата се погрижија Живојин Трајановиќ, автор на сценографијата, и Марија Пупучевска, која ги изработи впечатливите костими. Во претставата настапуваат солистите и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет, кои преку танцот и сценската игра ја оживуваат приказната за добриот доктор Офболи и неговите несекојдневни авантури.

Со својата динамична кореографија, живописни костими, раскошна сценографија и музика што ја буди детската фантазија, „Доктор Офболи“ претставува вистинско балетско доживување за целото семејство и е одлична можност најмладите одблиску да се запознаат со магијата на балетската уметност.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: