Постојат фестивали што се паметат по музиката, фестивали што се паметат по храната, а од оваа година Битола добива настан кој ќе ги обедини двете работи во едно незаборавно доживување.
Од 9 до 11 октомври, градот под Пелистер ќе биде домаќин на првото издание на „Чкембе фест“ – фестивал кој има амбиција да прерасне во нов гастрономски, туристички и културен бренд на Македонија. Музичкиот портал Музика24 со особена чест е еден од медиумските покровители и медиа партнери на ова прво фестивалско издание.
Некој можеби ќе праша: „Каква врска има еден музички портал со фестивал посветен на чкембе чорбата?“
Нашиот одговор е едноставен – добрата музика и добрата храна отсекогаш биле совршен спој. Најубавите дружби започнуваат со добра песна, продолжуваат со вкусна трпеза и завршуваат со насмевки кои долго се паметат. Токму таква атмосфера ветува и првиот „Чкембе фест“. Организаторите за Музика24 велат дека целта е да се промовира македонската гастрономија, да се зачуваат традиционалните рецепти и да се создаде нов фестивал кој ќе стане препознатлив белег на Битола.


Во текот на трите фестивалски денови посетителите ќе имаат можност да дегустираат различни варијанти на чкембе чорба подготвена според автентични рецепти, да ги следат мајсторите на традиционалната кујна во нивната работа и да уживаат во богата гастрономска понуда.
Но, приказната не завршува тука.
Фестивалот ќе биде збогатен и со богата музичка програма, во која ќе настапат познати македонски музички имиња од Битола (музичка програма за која дополнително ќе ве информираме), па посетителите ќе добијат можност да уживаат и во вкусните специјалитети и во добрата македонска музика. Во рамките на „Чкембе фест“ ќе се одржат и гастрономски натпревари на кои ќе учествуваат професионални готвачи, угостители, ученици од угостителските училишта, гастрономски ентузијасти, но и сите љубители на традиционалната кујна кои сакаат да ги покажат своите кулинарски способности.


Организаторите информираат дека јавниот повик за учество сè уште е отворен, па сите заинтересирани можат да се пријават и да се натпреваруваат со своите оригинални рецепти за ова традиционално јадење.
Во времето кога фестивалите сè почесто бараат нешто ново и поразлично, „Чкембе фест“ носи приказна која се потпира на традицијата, локалните вкусови и заедничкото дружење. А Музика24 ќе биде таму – меѓу посетителите, на концертите, покрај казаните и зад сцената – за да ви ја пренесе атмосферата, најинтересните моменти и сите случувања од првото издание на фестивалот.
И да… признаваме. Нема да си заминеме од Битола без да пробаме една добро зготвена, миризлива и вистински домашна чкембе чорба.
Се гледаме од 9-ти до 11-ти октомври во Битола!
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
