На само 12 години, Даријан Јакимов продолжува да испишува страници од својата музичка приказна, а неговото досегашно патување сега е овековечено и во мини-документарец.
Emigranti Production вчера, во 18:00 часот по британско време, го објави новиот мини-документарен филм посветен токму на младиот музички талент. Документарецот го следи неговиот пат од родниот Бистер, преку подготовките за настапите, па сè до големите сцени во Лондон и Оксфорд, каде што настапи како дел од концертите на Емигранти и „Како браќа“.
Даријан на 16 септември настапи во легендарниот The Clapham Grand во Лондон, а два дена подоцна, на 18 септември, се претстави и пред публиката во Oxford Town Hall, каде што уште еднаш покажа дека талентот нема возраст. Еден од најемоционалните моменти што ги бележи документарецот е настапот на татко и син на иста сцена, во иста авторска песна и на ист ритам. Токму овој симболичен момент, според авторите, претставува посебно поглавје во нивната музичка приказна и сведоштво за љубовта кон музиката што се пренесува од генерација на генерација.
Покрај концертните настапи, мини-документарецот открива и дел од атмосферата зад сцената, подготовките, патувањата и искрените емоции кои го одбележаа британското музичко гостување.
Воедно, Emigranti Production најавува дека оригиналната песна „Татко и син / Father & Son“ е целосно снимена, додека официјалниот видеоспот се наоѓа во својата завршна фаза. Публиката неговата премиера може да ја очекува наскоро. Мини-документарецот веќе е достапен на YouTube каналот Emigranti Official, како и на официјалните профили на Емигранти на Facebook, Instagram и TikTok.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
