Имам нешто да те прашам

Григор Копров открива: „Макфест“ одигра голема улога во мојата кариера (Фото+Видео)

Григор Копров (роден на 30 септември 1943 година во Охрид) е еден од најпознатите и најплодни македонски композитори, текстописци и продуценти, чија музика повеќе од пет децении остава длабока трага во историјата на домашната естрада. Со својата препознатлива мелодичност, емотивна лирика и исклучителна музичка чувствителност, Копров создаде песни што станаа безвременски хитови и дел од колективната меморија на македонската публика.

Во текот на својата богата кариера, тој соработувал со најголемите ѕвезди на македонската музика – Маја Оџаклиевска, Тоше Проески, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Мартин Вучиќ, Андријана Јаневска, Перо Христов, Марјан Стојановски и многу други. Секоја соработка зад себе остави хит што и денес се пее со иста емоција.

Во 1997 година Копров ја компонира легендарната песна „Не зори зоро“, со која Владо Јаневски ја претстави Македонија на Евровизија 1998, што воедно беше и првиот настап на земјата на овој престижен музички натпревар. Подоцна создаде уште многу песни за евровизиски избори, покажувајќи ја својата постојана желба за творечки предизвици и за афирмација на македонската музика на меѓународната сцена. Најпозната е неговата соработка со Тоше Проески, со кого заедно ја дефинираа една од најсјајните епохи на македонската поп музика. Григор Копров е автор на некои од неговите најголеми хитови, како „Сонце во твоите руси коси“, „Усни на усни“ и „Немир“ (во дует со Каролина Гочева) – песни кои денес се сметаат за класици на македонската музика. Тој е и композиторот зад големите хитови на Маја Оџаклиевска, меѓу кои се „Јулија“, „Те љубам лудо“, „Ники“, „Лиду лиду ду“ и „Прости ми“, кои го поставија нејзиниот препознатлив музички идентитет.

Со повеќе од 500 композиции, бројни фестивалски хитови и победнички песни на „Макфест“, „Евровизија“ и други престижни натпревари, Григор Копров останува симбол на македонската песна – творец кој ги спои емоцијата, уметноста и времето во музика што никогаш не старее.

Екипата на Музика24 имаше чест и задоволство да го испие првото утринско кафе со оваа жива легенда. Во чест на 40-годишниот јубилеј на „Макфест“, разговаравме за неговите почетоци, инспирации, фестивалот низ годините, наградите и размислувањата за денешната музичка сцена.

Прочитајте го целото интервју со Григор Копров – човекот чии песни ја раскажуваат историјата на македонската музика, ексклузивно на Музика24!

Музика24: Г-дине Копров, вие сте дел од македонската музичка сцена веќе многу децении. Кажете ни, како изгледаа самите почетоци на Фестивалот на забавни мелодии во Штип? Кои уметници и автори беа дел од тие први години, и како вие, како познат музичар, композитор и продуцент – вистинска жива легенда на македонската музика – го доживувате денес Макфест?

Григор Копров: Тоа беа навистина времиња кога требаше да се случи нешто во македонската поп музика, по примерот на едно белградско пролеќе, на еден сплитски фестивал, загребачки фестивал… и тогаш Радио телевизија Скопје (денес МРТВ) која беше носител на речиси сите музички настани, барем во поп музиката. На сето беше носител и креатор во она време на Ѓоко Ѓоргиев, Киро Милев тогашен директор во РТС на музичката продукција. Можеби овие луѓе за помладата генерација денес ништо не значат, но добро е да се споменат, во времето на Џамбазов, Драган Ѓаконовски Шпато, Масевски, Бранѓолица… тогаш во тоа време на нам помладата генерација – тие беа нашите учители. Еве ќе ви откријам, Драган Ѓаконовски Шпато беше музичар на светско ниво, аранжер на светско ниво. Тој беше човекот што пишуваше за цел оркестар, а не му трабаа инструменти. Сето тоа беа основоположници. Киро Милев заедно со Стојан Троицки и тогашниот градоначалник на Штип (не можам да се сетам) беа иницијатори да се оформи и направи „Макфест“ во Штип. Нека ми простат оние кои што можеби нема да ги споменам поминало толку многу време, но, тоа беше една голема работа во тоа време. Тие беа иницијаторите со Радио телевизија Скопје која што беше носител, бидејќи во тоа време во националниот сервис имаше и ревијски оркестар и народен оркестар, го имавме најдоброто студио. Јас денес навистина жалам што тоа веќе не е така. Но да се надеваме дека малку некои работи ќе се покренат и ќе се направат во иднина. Историска улога за многу автори, за многу текстописци, за многу инструменталисти, за многу пејачи беше „Макфест“. На овој фестивал учествуваа сите врвни пејачи. Јас имав песна со Мери Цетиниќ и со Владо Калембар… Сепак, преку нив успевавме и на бившите југословенски републики да им ја претставиме нашата музика. Скоро во тоа време „Макфест“ беше да речеме балкански фестивал и се чекаше ред да се влезе и да се биде дел и учествува на фестивалот. Не можеше секој да учествува. Тоа беше празник на музиката. И јас можам да кажам сега дека „Макфест“ одигра голема улога во мојата кариера. Јас преку Макфест се афирмирав. Немавме ние друг фестивал каде што ќе се промовираме, нормално Македонската радио телевизија во тоа време ни даваше шанса на нас помладите. Тогаш имаше и голем критериум. Во самата Македонска радио телевизија да се пушти една композиција имаше посебна стручна комисија. Мораше да се помине преку нив. Да немаш погрешен акцент, да има некој квалитет при тоа сето. Ние – таа генерација со Кире Костов и да не ги набројувам и другите автори, едвај го чекавме „Макфест“ да дојде и да се претставиме таму, впрочем јас на „Макфест“ сум имал помеѓу 80 до 100 композиции таму. Не водам евиденција. Ристо Самарџиев има најмногу награди на „Макфест“ – девет награди, јас имам ми се чини пет први места, но имам и многу втори, трети места освоено така да јас сум еден од најнаградуваните на фестивалот. За еден фестивал да направиш и да подготвиш 80 до 100 композиции не е мала работа. И честитам на градот Штип што се уште стои позади тој фестивал и со право можам да кажам, „Макфест“ – тој фестивал е основоположник на македонската поп музика. И се радувам што и ден денес трае.

Музика24: Имате навистина многу композиции со кои сте учествувале на Фестивалот на забавни мелодии – „Макфест“ во Штип. Кој настап или песна од тие изданија би ја издвоиле како најдрага, најемотивна – онаа што ви буди најубави спомени и посебни чувства?

Григор Копров: Сега ако ме прашате, дури и насловите на некои песни не ги знам (се смее). Дури и сум ги заборавил како што впрочем „Прости ми“, која што своевремено ја пееше Маја Оџаклиевска на еден скопски фестивал со која што победи… јас после оваа временска дистанца заборавив дека тоа е моја песна. Сериозно. Ако земам во предвид дека во ЗАМП имам преку 1.200 композиции кои се мои пријавени. Еве да кажеме во тоа време „Лажи ме, Љуби ме“ во изведба на Мери Цетиниќ. Тоа е голем хит, а имам и други… со Владо Јаневски имаме победа, со Бојана две победи, со дуетот Андријана Јаневска и Маријан Стојановски… и да не ги набројувам, многу песни се. Така да, фантастично е што градот застана позади фестивалот и Штип во тој дел доби голема афирмација во онаа бивша Југославија како еден престижен фестивал. И мислам дека и сега со оваа концепција пак оди напред и одигрува голема улога за музиката во Македонија.

Музика24: Оваа година „Макфест“ слави 40 години од своето постоење – значаен јубилеј за македонската музичка сцена. Од ваш аспект, како музичар со богато музичко искуство и активен дел од домашната продукција, што би им порачале на сегашните раководители на фестивалот? Што сметате дека би било добро да се подобри, што да се воведе ново, а што пак евентуално да се отфрли за фестивалот да ја врати својата препознатливост и влијание?

Григор Копров: На „Макфест“ мора да се создаваат нови музички ѕвезди. Во моментов можеме да зборуваме за Каролина, Тоше, Андријана, Бојана, Ѓоко Таневски… треба да создаваме нови музички ѕвезди. И фантастично е тоа што им се дава шанса на младите и што е најважно имаат потенцијал. Сега ќе се навратам на еден момент каде што одредени пејачи… да кажам дека на „Фолк Фест Валандово“ сигурно имам преку 90 композиции. Најнаградуван сум таму. Таму имам добиено многу награди. И сега во контекст на тоа еден од нашите пејачи излегува и вели зошто градоначалникот на Кавадарци поканува пејачи од надвор – од соседните семји. Еве како одговор, затоа што нашите пејачи не инвестираат во своите кариери. За разлика од пејачите во Србија. Со многу продуцентски куќи се знам, тие имаат работа затоа што песната го продава пејачот. Смешно е, ако немаш ти хит песна – биди најдобар на светот. Пејачот ја пренесува емоцијата и знаењето на композиторот, да се разбереме.

Музика24: По што вие лично ќе го паметите „Макфест“ и фестивалите од минатите години, на кои сте учествувале и биле дел од големото музичко семејство? Какви спомени и искуства носите од дружењето со нашите, но и со познатите балкански композитори, аранжери, текстописци и пејачи?

Григор Копров: Имало на „Макфест“ многу убави работи. Последнете две години не сум бил на овој фестивал, но оваа година ќе одам. Според мене – видео изменета е публиката. Во публиката, насекаде – ќе видиш само млади. Тогаш на „Макфест“ се креваа директори, беше престиж да се присуствува на фестивалот. Карта немаше шанса да добиеш. И доаѓаа битни луѓе од цела Македонија. Сега немам такво чувство дека тоа се случува, не знам, можеби грешам. За мене покрај Охрид втор град во Македонија кој што го сакам е Штип. Во Штип имам многу пријатели, многу другари. Никој не смее Столе Троицки… – тој е иконата на „Макфест“. Можеби некому би му сметало јас ова што сега го велам, но во животот мораме да научиме тие кои биле, а денес не се – да ги почитуваме. Бидејќи утре истото ќе ни се случи и на нас да не не почитуваат. Мора да се води сметка за таа работа. Не може да очекувам јас ти ме почитуваш ако јас не те почитувам тебе. Тоа е взаемно. Така да, Столе беше еден лик кој одигра голема улога, со да не ги споменувам и Јованов, Панајотов… имаше одлична екипа. Доаѓаа од Сплит, од Загреб, од Белград… јас мислам дека Јован Јованов и Роберт Саздов се млади луѓе и денеска добро го водат фестивалот и можат да направат „Макфест“ да добие една интернационална димензија.

Музика24: Која е онаа песна што веднаш, уште од првото слушање, ве потсетува на „Макфест“, на Штип и на она старо фестивалско дружење по кое сите го паметиме фестивалот?

Григор Копров: Па има многу евергрини од „Макфест“. Имаше песни за мерак. Има многу, навистина не можам да се сетам на насловите. „Макфест“ беше расадник на добри песни. Дека фестивалот заслужува да има критериуми за примање на композиции – не пријудицирам, не знам какви ќе бидат оваа година песните, меѓутоа, песните го прават фестивалот и мора критериумот да биде на високо ниво. И да се разбереме, не може „Макфест“ или било кој друг фестивал во Македонија да не ги ангажира најдобрите автори, најдобрите пејачи и сето тоа. И тоа е многу добро годинава на „Макфест“, последната вечер каде што ќе учествуваат познати музички имиња – победници, и ќе се потсетиме на сите нив. Тоа е одлична идеја. Што е добро – добро е!

Музика24: Како би го поздравиле тимот кој денес го организира „Макфест“ и по повод големиот јубилеј – 40 години Макфест – што би им посакале и порачале?

Григор Копров: Ако градот и градоначалникот стојат 200 проценти позади фестивалот, а секако и државата, без разлика кој е одговорен на фестивалот, треба цела година да работиш за да ги собереш најдобрите композиции. Така ќе му се одолжиш и на градот и на градоначалникот и на тој што ги дава парите. И тука критериумот треба да биде на највисоко можно ниво. Ни по бабе ни по стричевима – велат србите. Мора да се трудиш да ја оправдаш довербата. Со други зборови – да се врати времето кога од Скопје, од Охрид, од Велес, од Прилеп ќе дојдат да го гледаат и слушаат Макфест во Штип. Нека е за многу години и со среќа уште едно фестивалско издание. Среќен 40 годишен јубилеј!

Интервјуто го направи и подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: