Ексклузивно за нашите почитувани читатели, Ви ја претставуваме Амира Медуњанин – реномирана босанскохерцеговачка пејачка и маестрална интерпретаторка на севдалинка, која со својот уникатен стил ги освои срцата на љубителите на музиката ширум светот. Родена на 23 април 1972 година во Сараево, Амира е симбол на автентичноста и културното наследство на Балканот. Нејзиниот длабок и емотивен глас создава неповторливо музичко искуство, кое гради мостови меѓу ориенталниот и западниот музички свет. Како вистинска глобална амбасадорка на културата, таа неуморно ја промовира традиционалната музика, истовремено внесувајќи модерен пристап и свежина. Дознајте повеќе за нејзиниот живот, инспирации и патување до врвот на музичката сцена.
Музика24: Дали имате навика да сублимирате впечатоци и да подвлекувате црти, односно да ја анализирате годината што изминува и колку погледот во ретровизор Ве мотивира или депримира?
Амира Медуњанин: Искрена да бидам, не сум баш навикната да ја резимирам секоја помината година, бидејќи некогаш имате добра и малку подобра помината година, а се на се животот поминува. Но веќе кога тоа ме прашавте, првиот студиски албум го снимив 2003-та година, значи точно пред 21 година. А неодамна го објавив осмиот по ред носач на звук наречен „Хомеланд“ и сакав на некој начин да го одбележам целиот тој период. Еден вид резиме за сите овие години. А гледањето кон иднината обично повеќе ми одговара, и знам дека понекогаш треба да застанете и да одморите и да погледнете зад себе. Поради оваа причина, снимив нови песни и искрено се надевам дека ќе им се допаднат на луѓето.
Музика24: Музиката е таа универзална сила која оплеменува и најчесто инспирира. За среќа минатата година имавме многу голема музичка понуда како преку фестивалите така и преку самостојните проекти, па која е онаа песна што Вам ви се залепи за срцето и би ја издвоиле?
Амира Медуњанин: Добро кажавте. Да ја нагласиме „универзална сила која оплеменува“. И вистина е дека имаше многу голем број на нови проекти и искрено ми е драго поради тоа. А тука би го споменала и одличниот Влатко Стефановски со албумот „London Sessions“ кој штотуку излезе, а кој е снимен во музичкото студио Abbey Road во Лондон. Од друга страна, би го избрала и новиот албум на Ник Кејв „Wild God“ и двата албума се совршени.

Музика24: Дали и Вам ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува таа новогодишна атмосфера на Вас и Вашето секојдневие?
Амира Медуњанин: Секојдневница е вистинскиот збор. А јас и не сум Ви баш многу еуфорична за новогодишните празници. Последните години воглавно останувам дома. А знам и да ги посетам моите пријатели и семејството за да се видиме и да им посакам се најдобро за Нова година, а потоа да се вратам дома. Со оглед на тоа што сум на пат скоро цела година, тоа време го користам за да одморам малку од се.
Музика24: Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите личности. Како Вие го бирате подарокот, односно, што ви е пресудно кога новогодишниот подарок е во прашање?
Амира Медуњанин: Не сум сигурна каков би можел да биде тој подарок. Видете, во основа малите нешта го сочинуваат животот. А за моите пријатели и семејството за Нова година би избрала некоја ситница, нешто што тие го сакаат и им треба. Нешто што тие го спомнале во разговор во текот на годината. Обично јас тоа го запишувам, а потоа одам да го купам пред Нова година.
Музика24: Живееме во многу брзо и хаотично време, во кое вистинска реткост е некој да се интересира за туѓата среќа? Дали практикувате да им се посветите на блиските луѓе и да се интересирате што е она што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?
Амира Медуњанин: Во право сте, баш хаотично време. Ако на било што треба да посветиме внимание, тогаш тоа треба да бидат до нас блиските луѓе. И цело време на светот треба да биде тука за нив кога и да им е потребно. И да. Мора да бидеме позитивни и оптимисти без разлика на се. Животот е краток и немаме многу време, а да бидеме заедно е единственото нешто што е важно. И слушајте, само така можеме да опстанеме како луѓе.
Музика24: Што е она што во 2024-та да имавте можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?
Амира Медуњанин: Да сум јас некој фактор, се нешто би променила. Но, тоа можеби нам ни делува како илузија. Јас сум сепак за тоа секој ден да направиме по нешто смислено, некое добро дело, нешто човечно, се разбира колку што е во наша моќ. Нешто што нешето опкружување ќе го направи поубаво. И ако сите се потрудиме да размислуваме и постапуваме на сличен начин, не би требало да мислиме или да се нервираме за сите оние работи кои апсолутно не ни требаат во животот и ни се непотребни.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?
Амира Медуњанин: Се сеќавам на првите пакетчиња кои ги доделуваа од претпријатието каде што мојот татко работеше. Секој пат се радував, а Дедо Мраз беше како вистински. А која би била пораката до него оваа година? Не знам, можеби ”Santa, keep up the good work”.
Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2026-та година?
Амира Медуњанин: Здравје, мир и благосостојба.
Музика24: И на крај да ја чуеме вашата Новогодишна порака и желба за посреќна 2025-та година.
Амира Медуњанин: На сите Ваши драги редовни читатели, пред се им посакувам добро здравје, среќа и весели и убави моменти во Новата 2025-та година. И на сите нека им се остварат новогодишните желби.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски:
