Имам нешто да те прашам

Билјана Крнческа: Убаво би било во Новата година да се заљубам на зрели години (Фото+Видео)

Таа е една од најпознатите македонски естрадни новинарки. Австралија не запознава токму преку неа, преку Свет Аустралија. Вистински е пријател, другар, колега… 2023-та ќе ја памети по убави нешта, музика и патувања, а за новогодишната еуфорија вели дека таа одамна не постои, барем за неа. Ја сака својата земја, а за Новата година си посакува многу патувања и љубов…

Почитувани, што друго одговори на нашите новогодишни прашања Билјана Крнческа, уредничка во порталот Свет Аустралија, прочитајте во продолжение…

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Билјана Крнческа: Јас лично 2023 година ќе ја паметам како посебно убава година, исполнета со убави настани, колегијални дружби, година во која се одржаа квалитетни фестивали и година во која многу патував и уживав, така што би сакала добрата енергија од 2023-та да ме следи и во следната 2024-та година.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Билјана Крнческа: Дефинитивно најслушан, односно, најприсутен медиумски беше младиот артист Пајак и неговите дует песни со Лара, Антонија и Теодора Џехверовиќ. Едноставно Пајак направи вистински бум и покажа дека е талентиран и дека не му се “случи песна” туку дека тој и се “случи” на Македонија, а колку Македонија ќе умее тој негов потенцијал да го искористи е веќе друга тема. Што се однесува до фестивалите навистина годинава донесоа убави песни. И „Охрид Фест” и „Лешочкиот фестивал“, понудија добри песни. На „Тумба фест” чувме убави песни, а тука е и „Макфест”. Онака на прво на ум ми паѓаат песните од Перо Христов, („Добри луѓе“), Душко Георгиевски („Златна рипка струшка“), Зуица Лазова („Галебе“), Лилјана Прнаркова („Немојте“), Сузана Спасовска („Во моето село“), потоа Татјана Лазаревска („Жена хероина“), и посебно песната од Дарко Билбиловски што ја напиша Крсте Наумовски-Мечкар („Пела Кутлеш“).

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Билјана Крнческа: Изгледа се било со годините, или се промени целиот однос генерално спрема овој период од годината, така да ниту сум еуфорична, ниту гледам некаква еуфорија околу себе. Сметам дека глобализацијата направи да се измешаат расите низ цел свет, а со тоа се измешаа и традициите па денеска сме сведоци на одбележување на некои прослави кои не биле наша традиција и се тоа ми изгледа како евтина имитација која ми ја изгуби вистинската драж на предновогодишниот период. Кај нас не било никогаш природно толку рано да се кити елка се знаело дека средината на декември се китат елките, а сега сите се водат според понудите во дуќаните кои започнуваат многу рано поради Католичкиот Божиќ, па гледаме украсени новогодишни домови уште во ноември што ми нема никаква смисла.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Билјана Крнческа: Според сензибилитетот на личноста. Сметам дека е многу важно подарокот некого да израдува, а не личноста да не знае што да прави со него. Денеска имаме можност да бидеме практични затоа што секој дуќан или фирма нудат вредносни купони па вие можете според нечии афинитети и паричните можности да подарите вредносен ваучер кој наменски ќе биде потрошен на она што некој посакувал да си го купи.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Билјана Крнческа: О, да… изостана емпатијата и грижата за другите… Ма изостана емпатјата и грижата за најблиските, што е поразителен факт на ова друштво или на ова време… Сметам дека тоа е највредно нешто кога искрено се радувате на туѓата среќа и туѓиот успех, но не само како фраза туку онака искрено од срце. Исто така не помалку важно е да се интересирате за луѓето со кои комуницирате независно дали ги познавате лично или само површно, виртуелно. Убаво е некого пред се да ислушате, да одговорите на нечија порака, да се заблагодарите на нечиј комплимент и да најдете разбирање за нечија постапка…Сведоци сме на брзиот начин на живот во кој нема време за внимание, ниту место за дружење со оние од кои немаме интерес, едноставно луѓето следејќи ги советите на успешните и богати луѓе (кои им утурија во главите дека времето е пари), си направија од животите вртелешки на маскирани кловнови, па наизменично доживауваат “плач без суза” што би рекла Наташа Владетиќ, затоа што се разочаруваат одново и одново во таканаречените пријателства кои не се засновани на искрени односи.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Билјана Крнческа: Лично не предизвикав ништо лошо или погрешно за што би се каела, инаку на глобално ниво убаво би било да не се случеа војните, односно конфликтите кои доведоа до многу жртви и разорени животи.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Билјана Крнческа: Песната и музиката се мојот живот. Од секогаш музиката ме регенерирала и сметам дека е најделотворна терапија за духот, кој подоцна управува и со телото и со психата. Овие денови обожавам да ја слушам „Мојата Македонија” од Давид Темелков. Сметам дека дечкото направи песна со која не направи горди како нација и едноставно сум среќна кога ја слушам и ја пеам оваа песна, зошто ми предизвикува убави морници и ми ги буди сите оние возвишени чувства за мојата земја, за Македонија, која ја сакам од дното на душата.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Билјана Крнческа: Јас сум големо дете кое ја негува фантазијата и верувам во легендата дека постои Дедо Мраз и дека за сите има спремено најубави подароци. Мојата порака до него е да ги натера децата да му пеат и танцуваат пред да ги добијат подароците, како што некогаш ние тоа го правевме, односно да им посвети поголемо внимание на љубопитните детски очиња пред да им ги даде играчките што скапо ги платиле нивните родители.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Билјана Крнческа: Убаво прашање затоа што сите ние во Новата влегуваме со големи очекувања и желби што е апсолутно легитимно човечки. Мојата желба е убавата енергија да продолжи и во 2024-та година, да сме сите на број, здрави и живи да се радуваме на животните радости кои немаат цена како што се свадбите, приновите, крштевките… Би сакала да имам некоја убава медиумска понуда која финансиски би ме окрепила и би сакала да патувам, затоа што патувањата се моја страст. Можеби убаво би било и да се заљубам во овие зрели години, ама онака како што јас посакувам романтично во квалитетна особа… Се надевам дека немам многу нереалани желби хахаха (се смее).

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Билјана Крнческа: Одамна престанав да планирам, ама затоа посакувам да ја дочекам на некоја дестинација туристички, затоа што таквите Нови години ми се најинтересни. Во план се повеќе дестинаци се разгледуваат понудите, а генерално одиме друштво кое најчесто заедно патува така да екипата е проверена останува уште одлуката дали да се избере медитеранска или континентална клима.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Билјана Крнческа: Како што реков погоре желбите ми се да сме сите живи и здрави да му се радуваме на животот, да имаме нови и убави доживувања, да сведочиме на убави настани, да ни се случи некое убаво епохално откритие и да се почитуваме и сакаме повеќе луѓето, затоа што Бог не учи сакај се и сакај го ближниот свој.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Билјана Крнческа: Бидете свесни за своите постапки 365 дена во годината. Внимавајте што изговарате затоа што зборовите не можете да ги вратите и гледајте што помалку да ја користите фразата “извини”, а што повеќе да проштевате од срце.

Ви поскаувам среќна, бериќетна и успешна Нова 2024-та година. Да уживате со вашите најдраги, да му се радувате на животот, да љубите, пеете и да се смеете, да слушате квалитена музика, да го читате и следите единствениот музички портал Музика24 затоа што навремено ве извествува за сите новитети и ви отвора еден убав музички хоризонт која може само да ве инспирира.

СРЕЌНА НОВА 2024-та ГОДИНА!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: