Деновиве главна тема на трачарење и војување на социјалната мрежа facebook е Елена Петревска која рака на срце поради погрешно интерпретирано интервју дадено во еден од дневните весници, изминативе денови беше главна тема за озборување. Што всушност се случи и како дојде до целата оваа ситуација, Музика24 се обиде да ја разреши оваа мистерија и да стави крај на неколку дневната facebook војна помеѓу одредени колешки на Петревска, нивните намерни или ненамерни статуси и таа во целава оваа приказна.
Што друго ни откри таа… прочитајте во продолжение.
Музика24: Изминатиов период си честа мета на озборување, прогонување и спомнување на одредени твои колешки од македонската музичка сцена во нивните статуси на социјалната мрежа facebook. Како започна целата приказна и зошто непотребно се крена фама околу едно интервју и Елена Петреска?
Елена Петреска: Тоа очигледно ми е некаква карма, само ќе кажам дека повеќе нема да пеам на естрада, дека нема да снимам песни ниту да пеам по фестивали. Секогаш мора да избие од нигде никаде нешто за што ќе се пишува и зборува со денови и ќе ми создава стресови. Меѓутоа сега сум навистина сигурна во мојата одлука дека навистина нема веќе да го правам тоа. Јас сум постојано исполнета со музика, пејам во опера, имам скоро секој викенд свирки и настапи и тие доволно ме исполнуваат музички. Се додека нема ништо друго поголемо што ќе ме натера повторно да запеам на сцена, нема да го направам тоа. Мене ни ми сметаат трачеви, поготово зошто веќе тринаесет години се поминати откако сум на естрадата, отрпната сум на некој начин од нив и сфаќам дека тоа е нешто што народот сака да го чита. Ние во принцип сме сеирџиски народ, само на такви работи се палиме, што е навистина жалосно. И некој ќе ми каже, па како тоа светските ѕвезди трпат се?! Епа да, трпат кога на сметка им течат милиони, а ние тука за без пари го трпиме срамот за секој трач. Тоа е жалната вистина во нашата држава. Додека не си ги заработам парите чесно, никој нема да ми ги подари, јас не сум ниту спонзоруша, ниту пејачка што ужива да биде споменета во било кој контекст, затоа веќе не сакам и ниту имам енергија да трошам на вакви работи. Мојата енергија е насочена само на она што ме исполнува и ме прави среќна, а се друго е небитно за мене. Затоа Ве замолувам веќе моето име да не се споменува во ваков контекст каков што е овој во случајов.
Музика24: Според тебе, твоето досегашно искуство и временската разлика, на кое ниво се наоѓа денешната македонска музичка сцена за разлика од она кога ти се појави на музичката сцена и започна со музичката кариера?
Елена Петреска: Не сум некој носталгичар да се каже дека се беше порозово кога јас почнував. Но секако, дека повеќе почит имаше. Кога одев на фестивали и ќе ги сретнев повозрасните пејачи, како што тоа беа Лидија Кочовска, Тања Кочовска и многу други, јас ги гледав со почит и воодушевување. За жал, сега тоа го нема… но не сме криви ние, туку такво е времето во кое егзистираме. Секој се бори за своето место и подобро ќе те турне отколку да ти подаде рака… За жал нема друга алтернатива… Порано имаше место за сите, им се даваше шанса на сите. Сега веќе нема едно ток шоу каде ќе можеш да отидеш и да го испромовираш тоа што си го сработил.
Музика24: Кој од денешниве музички имиња, пејач или пејачка, би можела да ги издвоиш и слободно да кажеш дека одлично си ја вршат својата работа, односно дека имаат успешна музичка кариера?
Елена Петреска: Би ги издвоила Каролина Гочева – прекрасна е, во секој поглед вистинска ѕвезда. Калиопи, Владо Јаневски, Влатко Стефановски, Браќата Тавитјан, Туна исто така е одлична. Тоа ми се фаворити од нашата естрада за кои фала Богу што ги имаме за да имаме со кого да се гордееме.
Музика24: Лето е. Температурите достигнуваат и до 40-от степен, каде летово Елена Петреска ќе се одмора од спарното и претопло Скопје и се разбира од секојдневните обврски?
Елена Петреска: Ќе одам малку во Грција, па во Италија и во септември ќе се одмарам малку на чист воздух во Банско.
Музика24: Да ги игнорираме некултурните статуси и изјави и сето она што се случува деновиве во јавноста. Кога може повторно да те видиме на некој голем музички фестивал. Сега во Охрид за неполни дваесет дена ќе се случува “Охрид фест”, во октомври е “Макфест”, веднаш потоа и Скопскиот фестивал. Дали подготвуваш можеби некоја песна со која ќе ги изненадиш твоите фанови и публиката што те почитува и сака или дефинитивно музичката кариера ќе ја ставиш на stand by?
Елена Петреска: Дефинитивно тоа го ставам на stand by. Во моментов подготвувам еден друг проект, нешто кое одамна сакам да го работам и конечно ми се остварува сонот. Не е поврзано со музиката, но во моментов нема да зборувам… ќе прозборам откако ќе се оствари комплетно. А за музиката, ја имам доволно дури и премногу во мојот живот. Некогаш се случува да пејам и по шест часа во денот без престан на работа и на свирки, тоа навистина ме исполнува. А кога ќе има нешто квалитетно што ќе можам да го понудам на публиката, ќе го направам тоа. Сега за сега ќе си останат само моите настапи и рок свирки во кој искрено уживам заедно со мојот бенд “F ‘nuks”.
Музика24: Кога сме веќе кај твоите свирки и настапи, каде периодов настапуваш и каде може да те најдеме ние, твоите фанови доколку сакаме да бидеме дел од твоите едноставно наречени музички забави?
Елена Петреска: Во моментов со редовни свирки секој викенд сме во Jazz клубот “Take Five” во Прилеп, секој четврток во “Bella Vista” на кеј. До пред три недели бевме и во “Тренд”, па лето е малку да одмориме. Во останатите денови имаме договорени настапи и свирки на приватни забави.
Интервјуто го подготви: Александра Блажевска
