Тој е роден во Прилеп во 1983-та година. Својата љубов кон музиката во детските денови ја изразува со учества на училишни приредби, за подоцна, во 2001-та година да го сними својот прв сингл “Лажна љубов”. Веднаш потоа следуваат настапи на многубројните македонски музички фестивали од кои ќе ги споменеме: “Канео фест” каде настапи со песната “Ангел мој” и му беше врачена 3-та награда од стручното жири, “Макфест” каде настапува со песната “Јас и ти”, потоа “Охрид фест” каде на сцената се појавува со песната “Не ми е гајле”, “Еврофест” каде настапи со песната “Оваа ноќ” и ја освои наградата за Најдобра интерпретација “Тоше Проески”… Има настапено и на Радискиот фестивал Зеница во Босна и Херцеговина од каде се враќа со Награда за најдобра интерпретација и единствен претставник на Македонија.
Досега има соработувано и со голем број на македонски познати музички имиња, како што се Огнен Неделковски, Кристијан Габровски, Борче Нечовски, Дејан Момировски… Има учествувано во музичкото регионално тв шоу “Ѕвездите на Гранд”.
Почитувани читатели, во денешното интервју од серијалот новогодишни интервјуа, Ви го преставуваме познатиот македонски поп пејач Гоце Чоки Бошкоски. Што тој открива за Музика24, кои се неговите новогодишни желби, каде и со кого ќе ја дочека Новата 2022 година, прочитајте во продолжение.
Музика24: Годинава која изминува ќе остане запаметена по карантините, полициските часови, забраните за масовни собири, ковид вакцинацијата, сертификатите… По што ќе ја паметиш оваа 2021 година?
Гоце Чоки Бошкоски: За жал веќе втора година ни поминува со посебен акцент на пандемијата која не задеси и која очигледно уште ќе потрае… Она по што ќе ја паметам е всушност едно ново поглавје на професионален план, започнав сопствен бизнис.

Музика24: Заради околностите оваа година не можеме да се пофалиме со богата музичка продукција, но секако дека постојат песни што ќе останат забележани. Кој е твојот избор од она што беше понудено на македонската музичка сцена?
Гоце Чоки Бошкоски: Подолг временски период на нашата музичка сцена скоро и ништо значајно не се случува. Од време на време по некој “сингл” и толку…, да го земиме тоа како последица на случувањата со пандемија, да, би можеле да кажеме така. Јас исто снимив песна мината година во соработка со Кристијан Габровски – “Искинати спомени”. Секоја чест на исклучоци, но мислам дека уште многу мора да работиме, а и да имаме каде да го пласираме тоа. Музиката ја создаваме за публика, а не за лајкови на социјалните мрежи, но да се надеваме наскоро дека работите ќе се променат и ќе тргнат на подобро.
Музика24: Не очекува дочекот на Новата година, кој секаде се прославува на различен начин. Лично како посакауваш да ја дочекаш Новата 2022 година?
Гоце Чоки Бошкоски: Најубаво е во кругот на семејството, со моите деца, се разбира доколку работата го дозволи тоа.
Музика24: А кој е досега најинтересниот новогодишен подарок што го имаш добиено или пак можеби подарено?
Гоце Чоки Бошкоски: Па јас би рекол највреден подарок кој го добив на неколку дена пред Нова година е раѓањето на моето второ дете, мојата ќерка Илина.

Музика24: Новогодишната магија што ја предизвикуваат лампионите, светилките во разни бои, новогодишните базари, музиката, честитките… делува на комплетното расположение. Дали ти лично ја чувствуваш таа празнична еуфорија и колку истата умее да те понесе?
Гоце Чоки Бошкоски: Се разбира дека ќе те понесе кога згора на се имам и мали деца кои еуфорично сето тоа го доживуваат хахаха… Па секој на свој начин има некоја дефиниција за празниците иако мислам дека генерално години наназад луѓето веќе не уживаат во празниците како некогаш…

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз неговите ирваси и даровите, ама и без желбите што сите си ги посакуваме. Кои се твоите желби за Новата 2022 година?
Гоце Чоки Бошкоски: Здравје и само здравје. Единственото нешто кое го трошиме и на кое не мислиме како да го зачуваме за жал, но со оглед на пандемијава некако сите сфативме што всушност ни е најбитно.

Музика24: Која е новогодишната порака која би ја упатил до твоите фанови, а воедно и читатели на музичкиот портал Музика24?
Гоце Чоки Бошкоски: Се што посакувам за себе и своите најблиски им го посакувам на сите… да го живееме животот со полни гради, да се дистанцираме што повеќе од негативни мисли и лоши вести, да заборавиме што поминало и сета енергија да ја насочиме кон иднината.
Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски
