DJ Тина е девојка која последниве неколку години прави одлични забави низ македонските кафулиња и клубови. Покрај пуштањето музика, таа прави и караоке, а е и новинар по вокација. Некои ја познаваат од бивша Тв Пинк15, а некои пак од интернет медиумите каде што пишува доста читани статии и колумни.
Музика24: Многумина, вклучувајќи ме и мене знаеме да кажеме дека ноќниот живот во нашиот мил град Скопје е изумрен, но вие го покажувате спротивното. Јас лично познавајќи ве, на ваша покана присуствував на забава која и ден денес не ја пропуштам. Од каде идејата да започнете со правењето на овие забави? Која беше идејата?
DJ Тина: Јас забави правам веќе со години наназад и секогаш биле многу посетувани. Функционирам и како DJ и како менаџер, не чекам друг да ми го наполни локалот. Ете сега во кафулето “Old Time” во Безистенот во чаршија иако нема менаџери, секогаш е преполно. А бидејќи по нашите дискотеки скоро секаде се пушта една та иста музика (освен рака на срце Сектор, Папаја, Капан Ан, Дамар, Балет каде што се обидуваат да направат нешто поразлично), луѓето кои сакаат да се забавуваат на нешто поразлично доаѓаат во чаршија. И мило ми е што секој викенд гледам толку насмеани ликови околу мене.
Музика24: По што вашите забави се разликуваат од останатите ?
DJ Тина: По енергијата која ја разменувам со гостите, не сум статична да се фокусирам само во опремата и суетно да пуштам музика, туку си се разбирам со публиката и одлично функционираме заедно. Со голем број на луѓе кои доаѓаат на моите забави денес сум многу добра другарка. Се запознавме токму преку заедничкото лудување. А моите забави се разликуваат по останатите по тоа што сите се забавуваме како да нема утре. Буквално секоја забава е како дочек на Нова година.
Музика24: Во последно време музика пуштате во чаршија, многумина сеуште се скептици со што успеавте да ги разубедите и со задоволство денес да присуствуваат ?
DJ Тина: Чаршијата е душата на Скопје, за мене едно од најубавите места во нашиот град. За живнување на Безистенот морам да го пофалам Саше Шотаровски, газдата на Галерија 8, место кое за кратко време стана култно. И сами знаете дека летото повеќе луѓе имаше таму отколку во дискотеките во парк. Иако повеќе не пуштам музика во Галерија 8 и сум во комшилук, сепак ќе ми остане во најубав спомен како урбано место каде што правевме незаборавни журки. А оние кои доаѓаа таму поради мене, денес доаѓаат и во “Old Time”. Дури и кога беа протестите, сите заедно македонци и албанци сплотено се забавуваме додека Скопје беше пусто.
Музика24: “Олд тајм” е местото каде пуштате музика? Каква музика пуштате?
DJ Тина: Буквално бучкуруш (се смее). Од соул, фанк до рнб и хип хоп па до ретро и рок. Од Продиџи до Маријана и Росана хахаха (се смее). Затоа и луѓето толку откачуваат на забавите. Затоа што има за секого по нешто. А неретко се случува да падне и по некој стриптиз.
Музика24: Ретко кај нас девојка да се занимава со ди-џејство, од кога вие се занимавате? Од каде желбата?
DJ Тина: Се почна пред едно 12 години кога бидејќи бев опседната со музика ги имав сите можни дискови кои можеа да се набават во Македонија и соседните земји, па другарките ме викаа да им пуштам музика на родендени. Потоа другар кој беше менаџер рече да се испробам и на вистинска забава и така започна мојата “кариера”. Од тогаш со задоволство се радувам на секоја забава. А желбата е поради тоа што сум вљубена во музиката, бидејќи и како новинар се занимавам со естрада, а понекогаш сакам и да си потпевнувам па ја користам секоја можна прилика да се фатам за микрофон.
Музика24: Овој петок ќе се случува настанот на годината, бар така е најавено. За што станува збор? Зошто овој петок ќе биде петок за паметење?
DJ Тина: Во Скопје се оди по некаков шаблон. Ретко кој се обидува да внесе новитети за да ја направи забавата поинаква, во смисол на тематски забави. Единствено гледам дека за тоа се трудат само дечките од Стоби и Чао во недела. Никој друг во градов не се замара. Пушти покана, викни DJ или бенд и завршена работа. Одамна сакам да им се заблагодарам на сите оние кои со години наназад несебично ме поддржуваат и присуствуваат речиси на секоја моја журка, а ги има многу. Затоа овој петок им го посветувам на нив. Спремив многу изненадувања, ова ќе биде една тематска забава, слична на оние по светски познатите места за забавување. Зошто кога можат во Белград, Софија, Солун да прават одлични журки за паметење да не можеме и ние? Ветувам многу насмевки и возбуда во петок. И секако многу интересни модни алкохолни додатоци хахаха (се смее).
Музика24: На забавите пуштате македноска музика, зошто не пуштате нови песни? Дали нема доволно квалитетна македонска музика која би ја пуштале?
DJ Тина: Евергрин си е евергрин. Колку и да се обидува денес нашата естрада да направи нешто добро, тешко може да се спореди со она што се правело пред неколку години. А и луѓето највеќе реагираат на тие песни, дали од носталгија, дали од што се стварно добри не знам. Сепак “Признавам” од Маријана и Росана мислам дека е нашата химна. А за нови песни, пуштам и нови, секако оние за кои сметам дека се доволно квалитетни за да бидат вметнати во мојот настап. А за жал ги има малку од оние брзите “за у диско”.
Музика24: Како ви изгледа македонската музичка сцена во моментов?
DJ Тина: Како Чернобил. Катастрофални мутации има на нашата музичка сцена. Но, за среќа изгледа дека од целото црнило, излегле и некои позитивни “мутанти”. Гледам дека се повеќе алтернативни и некомерцијални музичари прават одлична музика. Дуке Бојаџиев, Кирил Џајковски, Bei d Fish, Трачери, Ориѓански, The John… Последна добра песна што ја чув беше “Јас и ти” од Зад Аголот, Нина Јанева и Иги мен. Супер парче, светски направено. Само нашиве телевизии и радија да се свестат дека наместо да презентираат бљувотини, треба да ги презентираат вистинските вредни уметници кои поради лошиот медиумски однос губат желба за работа. Среќа YouТube е добар показател за слушаноста. Напредуваме.
Музика24: Поради која причина треба некој наш читател да присуствува на ваша забава ?
DJ Тина: Мислам дека треба да дојде и да се увери. Не би било вкусно вака да ги убедувам. Сепак ај да не бидам скромна… кој не бил, не знае што пропушта хахаха (се смее). Се гледаме во петок.
Интервјуто го подготви: Редакција Музика24
