Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: Млада и успешна – Елена Миленковска

По одличниот успех со песната “Добар или лош” со која што дебитираше на македонската поп музичка сцена, младата Елена Миленковска летово сите не изненади со одлична летна песна која едноставно веруваме дека ќе биде вистински летен хит. “Дојди со мене” е новата песна со жив, динамичен ритам која што таа неодамна ја промовираше. Ние не би биле музички портал ако не прашаме и не Ве информираме за деталите околу песната, спотот…

Во продолжение прочитајте го интервјуто кое што Музика24 ексклузивно го направи со Елена Миленковска пред само еден ден, а што таа кажа за својата кариера, почетоците, музиката… Уживајте!

Музика24: На македонската музичка поп сцена се појави неодамна, зад себе имаш неколку песни, која е всушност Елена Миленковска и од кога започна да се занимаваш со музиката, со пеењето?

Елена: На македонската музичка сцена се појавив во 2012-та на штипскиот фестивал “Макфест”. Таму настапував во дебитанската вечер со песната “Ти доаѓаш” која е дело на Дамир Имери, со текст на Огнен Неделковски. Инаку со музика се занимавам уште од 7 години, тогаш почнав прв пат да посетувам часови по пеење, пеев во многу хорови. На 11 години започнав да ги посетувам часовите на Милка Ефтимова која ме изгради во целост како музичка личност која исто така ми помогна за приемниот испит во Средното музичко училиште во кое учев четири години на отсекот соло пеење. Така што јас, Елена Миленковска целиот мој живот ја сакам музиката, целото мое внимание е посветено на неа и сум навистина среќна што можам да го работам она што целиот живот го сакам.

Музика24: Како и сите млади девојки, секако и ти сакаш да се забавуваш. Кажи ни дали порано, пред да станеш позната на македонската музичка сцена повеќе се забавуваше, или пак денес каде што секако мораш да внимаваш на твоето однесување и сето она што го правиш кога си со твоите пријатели и познаници?

Елена: Забавите ги обожавам посебно кога сум во добро друштво. Секогаш кога сум слободна, нормално не седам дома, сакам да поминам квалитетно време со пријателите или на кафе или на ноќно излегување. Инаку од кога се појавив на македонската музичка сцена тоа не ми претставува никаков проблем, напротив, сакам да останам истата која што бев и да се забавувам во најголема количина.

Музика24: Неодамна го издаде својот нов сингл “Дојди со мене”, а потоа и видео спот за истата. Која е екипата која што работеше на песната и видео спотот да изгледа онака како што изгледа, светски, модерно, летно…?

Елена: Првенствено морам да ја споменам мојата соработка со “Горила продукција” која започна веднаш по “Макфест”. Со нив ја снимив првата песна “Добар или лош” која веднаш доби видео запис кој се снимаше на повеќе локации односно во Прилеп и Белград. Музиката за оваа песна е дело на Лазар Цветковски, а текстот на Магдалена Ена Цветковска. Спотот ги надмина моите очекувања и означи почеток на добра соработка. Најновата песна е продолжение на нашата соработка чија промоција е токму денес на Вашиот музички портал Музика24. “Дојди со мене” е мојата најнова песна која е во брз и летен ритам и е дело на најдобриот тандем Лазар и Ена. На видео спотот работеше Владимир Дади Ивановски, исто како и за првиот спот. Се снимаше на повеќе локации на Халкидики, Торони од кои јас лично бев воодушевена. Се помина во најдобар ред и многу сум задоволна од крајниот резултат. Добив преубави коментари кои секако многу ми значат.

Елена Миленковска - снимање на спотМузика24: На спотот освен ти, во главната улога до тебе се појавува и едно симпатично момче и многу девојки во позадина. Кои се всушност останатите актери, статисти во видео спотот?

Елена: Момчето кое што за цело време е до мене во спотот и е оној на кој што му пеам, всушност е маникен од модното студио “Црнокрак”. Се вика Нинослав Милошевски, а освен него, во спотот како статисти се појавуваат уште дваесетина маникенки и маникени од истото модно студио.

Музика24: По песната и новиот видео спот, дали имаш настапи низ македонските кафулиња, градови или пак тоа го оставаш по летниот период?

Елена: Сеуште не сум почнала со настапи. Сеуште се градам себе си на македонската музичка сцена и сакам тоа да го направам на најдобар можен начин. Мислам дека пред се за еден настап потребно е најдобро да се претставиш пред публиката и да бидат добро запознаени со тебе за секако да бидат присутни на настапите. Ќе има настапи за брзо време хехехе (се смее).

Музика24: Дали досега си размислувала да снимиш cover на некоја позната македонска, балканска или пак светски позната песна, бидејќи Музика24 од неодмана започна со новата рубрика 24 Covers. Во оваа прилика, што би им препорачала воедно на младите кои што сакаат да се занимаваат со музика и сакаат на било кој начин да се промовираат на тој начин?

Елена: Не сум знаела за ова, но драго ми е што постои таква рубрика како Вашата и што им се дава шанса на сите оние кои ја сакаат музиката и сакаат да се претстават. Јас досега имам многу пати размислувано за ковери, но мислам дека за мене не е погоден период. Но, кога ќе снимам некој ковер први го добивате. А на младите кои што сакаат да се занимаваат со музика им препорачувам да вложуваат во музиката со труд, љубов и посветеност. И да пратат некој ковер кај Вас. Промоцијата според мене е најважна, така што нека го направат тоа на најдобар начин.

Музика24: Што следно може да очекуваат твоите фанови и обожаватели од тебе?

Елена: Морам да напоменам пред се дека не го менувам тандемот Цветковски кои започнаа да го градат мојот стил и ме претставија во најдобро светло. Не сакам да откривам ништо за новиот проект, затоа што денес е промоцијата на новиот спот која сакам да помине во најдобар ред, но со Лазар напорно работиме и за брзо време очекувајте нешто ново од мене. Нормално не застанувам хехехе (се смее).

Музика24: И како за крај на ова наше интересно интервју, како и на кој начин би ги поздравила читетелите на музичкиот портал Музика24?

Елена: Како за крај, би Ви се заблагодарила за ова интервју, а на Вашите читатели би им препорачала на сите да го читаат Вашиот музички портал, да уживаат во него, во македонската публика и во мојот нов видео запис.

Интервјуто го подготви: Катерина Митровска

Можеби ќе ве интересира: