Имам нешто да те прашам

Кико Димитиревски: Ми беше јасно уште од мал како стигнуваат подароците во чорапот

Кико Димитриевски познат по хитовите “Волшебна кочија”, “Сезаме”, “Без љубов неа ја допирам” и други, на кратко ни раскажа како се чувствува за празниците, како вообичаено празнува, по што ќе ја памети 2012-та и неговите очекувања за 2013-та година. На тој начин се обрати и ги поздрави нашите посетители на порталот, а воедно и неговите фанови и им упати најискрени честитки.

Музика24: Како се чувствуваш секогаш кога се наближува Новата година, дали можеби како некое мало дете оставаш празни новогодишни чорапчиња и го чекаш својот подарок од Дедо Мраз, дали можеби размислуваш и потајно си фантазираш… дали можеби се чувствуваш некако посебно, новогодишно… или ти е сеедно што се наближува дочекот на Нова година?

Кико: Прекрасно прашање. Искрено не оставам чорапчиња, ни како мал тоа не го правев, ми беше јасно уште од тогаш како стигаат поклоните во чорапот, па не го ни ставав хахаха… Инаку Нова година како Нова година искрено последниве неколку години ја поминуваме работно и само поради тоа не ми е сеедно што доаѓа, инаку очигледно е дека интересот е опаднат за разлика од минатите години, кога за Нова година се знаело каде ќе се оди барем два месеци однапред, во споредба со денес, што можеби и на 31 се дознава каде ќе се дочека.

Музика24: Како вообичаено се подготвуваш за Новата година? Купуваш многу храна, некоја посебно убава книга, купуваш подароци за своите најблиски… си купуваш нешто за себе?

Кико: Да… Сакам да си купам нешто за мене, да си се подновам можеби со некое ново парче гардероба или нешто слично, меѓутоа навистина многу сакам и да подарувам. Купувам подароци за моите најблиски и навистина знам што да одберам, за да го измамам нивното изненадување и воодушевување.

Музика24: Што претставува за тебе новогодишната еуфорија? Што претставува воопшто пречекот за Нова година, какo го доживуваш сето тоа? Дали тоа и тебе ти се случува, дали те фаќа она новогодишното?

Кико: Па, искрено новогодишната еуфорија е прекрасна работа, тоа китење на елките, украсување на просторот, собирањето на пријателите за договарање за дочекот и многу други работи, но, за жал некако последниве години таа еуфорија некако ја снемува… добро знаеме кој е причината и факторот за тоа и некако и да сакаме да промениме некои работи, не можеме.

Музика24: Како и каде планираш да ја дочекаш новата 2013-та година?

Кико: Новата 2013-та година како и неколку претходно, ќе ја дочекам работно со мојата група “Фортуна” во еден од најубавите скопски локали.

Музика24: Кој е според тебе настанот на музички план кој што ја одбележи 2012-та, а која пак песна може слободно да кажеме дека е песна на годината?

Кико: Слободно можам да кажам дека настанот кој што ја обележа 2012-та година е Скопскиот фестивал кој што до сега, за разлика од сите претходни години е реализиран на највисоко можно ниво и стандарди. Секоја чест за организаторите и да се надеваме дека овој фестивал ќе го задржи овој сјај уште многу години. За песни не би коментирал, некако не ме фасцинира ништо во последно време, естрадава ни е во алармантна состојба… ЗА ЖАЛ!

Музика24: Кои се твоите планови, замисли… кои што би сакал да ти се остварат во текот на идната година, нешто што досега не ти се случило?

Кико: Пред се, сакам многу здравје и љубов да ме опкружуваат, а на работно поле сакам да ми се остварат сите планови што ми се поставени за следнава година, се разбира, на поле на музиката и искрено се надевам на успех на истите.

Музика24: Што би им посакал во Новата 2013-та година на нашите Музика24 интернет читатели, а воедно и на твоите фанови и обожаватели?

Кико: Пред се, на Вас и на Вашите читатели, а воедно и сите, независно дали се мои фанови или не, им посакувам многу здравје, среќа и многу љубов да ги опкружува следнава година. Многу успеси и исполнување на сите замислени желби и зацртани цели за 2013. Посебни честитки за моите фанови и обожаватели со кои се разбира, дека со нетрпение чекам да се сретнам за дочекот на Новата година.

Интервјуто го подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: