Имам нешто да те прашам

Лени Партикова: Во Новата година од Дедо Мраз сакам нова кола (Фото+Видео)

Музика24: Наближуваат Божиќните празници, како се чувствуваш секогаш кога доаѓа овој период од годината? Дали можеби се радуваш на целата празнична адмосфера и еуфорија или пак едноставно сето тоа за тебе се само обични денови кога малку повеќе се одмора, јаде и пие?

Лени Партикова: Многу ги сакам овие празници, во мене будат среќа, радост и преубави мигови поминати со семејството во прекрасниот амбиент на домот накитен и полн со љубов и благосостојба пред најголемиот христијански празник Бадник и Божик. Заедно со мојата ќерка Христина китиме и се радуваме. Нејзината среќа и насмевка е бесценета за мене. Роденден и е на 3-ти јануари и со нетрпение ги очекуваме овие денови.

Музика24: Дали и после толку години веруваш во легендата и приказната дека постои Дедо Мраз?

Лени Партикова: Хахаха (се смее), сакам да верувам во Дедо Мраз, сега и мора така да биде. Христина е на таа возраст кога Дедо Мраз е многу важен за неа, ако учи и биде послушна ќерка многу подароци и остава под елката.

Музика24: Сите ние малку или повеќе на некој чуден начин веруваме дека Дедо Мраз ќе ни донесе некаков подарок, односно, она што сме си го посакале во текот на годината. Дали можеби како дете си оставала празни новогодишни чорапчиња и си го чекала подарокот од најпосакуваната личност во овој период од годината, дедото со бела брада?

Лени Партикова: Да, оставав. Верував во Дедо Мраз и штом ќе ги прочитаа моите родители писмата до Дедо Мраз од мене, мојата сестра и брат ми, ги добивавме подароците кои што сме си ги посакале. Јас растев во едно прекрасно семејство во љубов и хармонија каква што секој би посакал. Моето семејство за мене е најдрагоцено им благодарам за секој заеднички момент. Среќна сум.

Музика24: Како вообичаено се подготвувате за дочекот на Новата година? Подготвувате специјалитети, сакате да уживате во прошетките со најмилите, купувате подароци за своите дечиња…?

Лени Партикова: Да! Се подготвува богата софра, сарма, пита, руска салата, кифлички обавезно, а најмногу од се го сакам чајот и салапот со цимет. За мене тој мирис ја надополнува целокупната слика за прекрасните зимски празници да бидат како од бајка.

Музика24: За дочекот на Новата година секогаш и пред се тебе најважно ти е добро друштво, забава и музика… или пак онака домаќински во опуштена адмосфера со малку повеќе храна, пиење, шала, смеа и потоа секако некој добар новогодишен филм?

Лени Партикова: Новата година за мене години наназад поминува работно. Пеам и денски и ноќни предновогодишни и новогодишни прослави. Од 20-ти декември па се до стара нова година имам чест да ги забавувам со моето пеење и да прославувам со сите гости што ќе бидат дел на тие прослави каде забавата е загарантирана.

Музика24: Како и на кој начин ги изненадуваш саканите за Новогодишните празници? Кој е подарокот кој што вообичаено сакаш да го подариш, и што е она што тебе би те изненадило како подарок?

Лени Партикова: Сакам да подарувам и секогаш ги избирам најубавите подароци за моите најблиски. За мене оваа година најубав подарок ќе биде една понова кола, па ајде да видиме дали ќе ми се оствари желбата, му пишав и јас на Дедо Мраз хахаха (се смее), а и умна и вредна бев хахаха.

Музика24: Што всушност за тебе претставува сета таа празнична предновогодишна еуфорија, дочекот на Новата година и сите оние мали и поголеми случувања поврзани со овие празници?

Лени Партикова: За мене овие празници се најубави и најсреќни. Повеќе поминати мигови поминати во радост и среќа со најблиските, многу забава и музика, целосно полнење на батериите за работа и обврските кои што не следат во секојдневниот живот потоа.

Музика24: Како, каде и на кој начин ќе ја испратите 2019-та, а ќе ја дочекате Новата 2020-та година?

Лени Партикова: Работно ќе ја испратам, со пеење и забава.

Музика24: Кој е според тебе настанот од областа на музиката кој што ја одбележи 2019-та?

Лени Партикова: Моите фестивалски настапи кои прилично беа многу изминатата година. Учеството на “Охрид фест” и третата награда за композицијата “Каде да те најдам” (музика и аранжман: Горан Милошески, текст: Огнен Неделковски). И настапите на “Канео фест” (Амбасадор бенд – “Нова љубов”, во поп делот прва награда од публика, комплетен автор Владо Ѓоргиевски и во фолк делот со песната “Ветени”, Народен текст, музика и аранжман Сашо Маџаровски-Конди, награда за најдобар аранжман), Фестивалот на дуети Константин и Елена (дует со Гоце Касаповски), Лешочки фолк фест, како и настапот на Роса фест.

Музика24: А кој е пак според тебе хит песната која што на некој начин ја одбележа 2019-та година и видео спотот кој што тебе ти остави најголем впечаток изминатата година?

Лени Партикова: Имаше доста успешни песни и видеоспотови и не би сакала да одвојам некој посебно. Само сакам во новата година да има уште повеќе нова македонска музика во која ќе уживаме.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова и се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се твоите планови, замисли и идеи за Новата 2020-та година? Што би сакала да ти се случи, оствари и реализира на приватно поле и во полето на музичката кариера?

Лени Партикова: Во план се два нови албуми едниот солистички со забавни композиции, а другиот со фолклорни народни песни заедно со Амбасадор бенд. Ќе продолжам работно со многу свирки со колегите, секакви видови на прослави кои што се веќе до крајот на 2020-та година закажани. И моите свирки секој петок со Фантастико бенд и маестро Робертино во пица-ресторанот “Арома С” во Вратница, Тетово каде забавите со нашите тетовчани се прекрасни.

Музика24: И како за крај на ова наше новогодишно интервју, што од срце би им посакала на твоите фанови, поддржувачи, како и читатели на музичкиот портал Музика24?

Лени Партикова: Бидете пред се здрави, сакајте се и бидете среќни. Нека новата година ви донесе многу убави моменти и остварувања, и слушајте многу македонска музика таа е лек за душата. На музичкиот портал Музика24 му благодарам што постои и ви посакувам уште многу години успеси да имате. Ваша Лени Партикова.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: