Тој е еден од најдобрите помлади пејачи на македонската музичка сцена. Досега има учествувано на многу музички натпреварувања во Македонија и надвор од неа, а во музичкото реално тв шоу “Ѕвездите на Гранд” успешно се натпреварува и како свој ментор веќе подолг временски период ја има една од најдобрите Јелена Карлеуша.
Марио Арангеловски кој освен пејач можеме слободно да кажеме дека е и еден од поуспешните македонски јутубери, денес има армија на свои фанови кои секојдневно го следат што и како прави. Што одговори Марио за новогодишното интервју на Музика24, прочитајте во продолжение.
Музика24: Што е она по што ќе ја паметите 2020-та година, годината која што за само неколку часа ќе биде наше минато?
Марио Арангеловски: 2020 е најневообичаената година на која што сум бил сведок, од кога сум свесен за себе. Убава и тажна во исто време. Многу неубави работи се случуваа на глобално ниво, но, истовремено, секој од нас како поединец претпоставувам дека се соочил и со нешто убаво, без разлика на условите. Јас, ако ништо друго, научив да си го вреднувам здравјето, времето и амбициите. Имав доволно слободно време за да му се посветам на моето ментално здравје, кое беше ставено на тест, благодарени на ситуацијата во која што сите се наоѓаме и сфатив дека во здравјето е суштината. Без да не служи здравјето, ништо не ќе можеме да оствариме.

Музика24: Дали има нешто што посебно Ви се случи во текот на оваа година и Ви остави посебен впечаток?
Марио Арангеловски: Секако, постојат неколку убави и неколку помалку убави моменти на кои што бев сведок годинава. Сите снимања на шоуто „Ѕвездите на Гранд“ во овие вонредни услови ми останаа во сеќавање, на пример.
Музика24: Која е според Вас најслушаната песна за 2020-та година?
Марио Арангеловски: Хмм, поради ситуацијата која што сите не снајде, уметниците се повлекоа некако, па и не може да се каже дека постојат нешто многу нови хитови, особено не македонски. Но, јас деновиве сум опседнат со новиот албум на Шон Мендес, така што, немам поставени услови за објективен одговор.

Музика24: Што би си посакале себе си, на своите блиски и најсакани и секако на читателите на единствениот македонски музички портал Музика24?
Марио Арангеловски: Здравје, здравје и само здравје. Може и малку среќа, пари, љубов и успех, хехехе. Ама пред се, здравје!
Подготви: Редакција Музика24
