Имам нешто да те прашам

На кафе со… Димитар Андоновски (Фото)

Зима е, надвор се речиси 10-на степени под нулата. Ние денес во нашата нова рубрика “На кафе со…” накратко на кејот на реката Вардар, во овој снежен декемврски ден во едно од скопските кафулиња седнавме да поразговараме со еден од нашите познати македонски изведувачи. Освен за музиката, излегувањето, секојдневните обврски… тој ни говореше и за неговата страст и пасија кон кафето и кон многу други нешта. Во продолжение прочитајте го краткото мини интервју со Димитар Андоновски.

Музика24: Здраво Димитар, како си? На почеток кажи ни колку во денот практикуваш да пиеш кафе? Дали обично се расонуваш со кафе или… ? И кое е твоето омилено?

Димитар: Па во вакво добро друштво мора да признаам дека одлично се чуствувам. Утрото секогаш ми започнува со кафе, а најомилено ми е она кафе кое сам си го приготвувам и го пијам во одлично друштво, практикувам онолку колку ми е доволно и потребно во зависност од денот .

Музика24: Кога сме веќе кај кафето, тоа кај нас е понекогаш изговор, навика, понекогаш само така се вели колку да се излезе и да се видиме со другар или другарка. Дали истото и тебе ти се случува или случило досега или кога излегуваш во некое кафуле нарачуваш одредено кафе, пијалок и тоа е тоа?

Димитар: Не ми е ни навика, ни изговор кога сакам да одам на кафе. Договорот ми е јасен со пријателот или пријателката дека одиме на кафе и пиеме кафе најчесто нес или капучино, а кога сакам нешто друго, а не кафе тогаш договорот е дека се оди на пијалок и тогаш знам да нарачам од обичен до жесток зависи од расположение.

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за тебе. Од Битола си, кога започна да се занимаваш со музиката, кој беше твојот прв јавен настап и каде беше тоа?

Димитар: Од кога знам за себе, знам и дека музиката е дел од мене, но еве професионално започнав да ја изучувам во нижото музичко училиште во мојот роден град – Битола каде и виолината ја одбрав за мој омилен инструмент и се наоѓа во повеќето мои песни, а првиот мој јавен настап беше на мојата осум годишна возраст на добро познатото детско фестивалче “Си- До”.

Музика24: Веќе неколку години си на македонската музичка сцена, откриј ни доколку не е тајна се разбира, со кој од сите наши изведувачи си близок, со кого најмногу се дружиш, излегувате на кафе… со кој најдобро стоиш?

Димитар: Па искрено со сите колеги стојам добро и знам да се напијам кафе, многу е битно што во оваа работа сите научив да ги гледам како колеги и пријатели, а не како конкуренција затоа и успевам со сите да останам пријател. А еве најчесто сум со моите колеги од мојата Горила продукција кои ги гледам како едно мое големо музичко семејство.

Музика24: Уште 20-на дена и речиси влегуваме во новата 2013 година, по што Димитар ќе ја запомни оваа 2012-та и што би сакал да ти се случи во Новата година?

Димитар: Па секоја година своја приказна, би ја запаметил по мојата упорност и желба за работа, по љубовта од моите фанови, по енергичните настапи и се разбира и по победата на фестивалот “МАРС”, а во Новата година сакам да бидам уште посреќен да имам уште поголема енергија и една мала желбичка да си купам кола, тоа е се.

Музика24: Кои се твоите планови за 2013-та?

Димитар: Па имам доста планови, еден мој набитен план е моето првенче или мојот прв албум кој го работев долго и се надевам дека публиката ке биде задоволна и дека моето време и упорност на крај ќе се исплати.

Музика24: Денес по неколку месечна пауза, нашиот музички портал повторно е пуштен на интерет просторот, како би ги поздравил нашите читатели и твоите верни фанови и обожаватели?

Димитар: Па да го читаат вашиот портал, да слушаат македонска музика и да си ги поминат новоогидшните празници во среќа, расположение и љубов.

Музика24: И како за крај, како што го започнавме разговорот така и ќе го завршиме, дали пиеш кафе навечер, можеби пред легнување и кое е тоа?

Димитар: Па за крај, не практикувам кафе во доцните часови, освен ако се работи за оние денови кога незнам што е ден што е ноќ поради работата, а кога нема такви напорни денови чајче најчесто практикувам кое ме опушта и ми делува за добар сон, а нормално како што кажав утрото ми започнува со кафе .

Интервјуто го подготви: Марија Поповска

Можеби ќе ве интересира: