Имам нешто да те прашам

На кафе со… Илија Ќосевски

Музика24: Се наоѓаме во еден од најубавите локали во Штип. До мене имам прекрасен соговорник, кој е талентиран и успешен и кој добро плива во музичките води. Тој е пејач и композитор и како таков е редовно присутен на нашиот фестивал за забавни мелодии “Макфест”. Има прекрасни балади, а мене лично најмногу ми се допаѓа песната  “Милион причини”. Ние сега можеме да зборуваме со него на милион теми, затоа што тој е премногу љубезен, не му претставуваше никаков проблем во ова ладно утро да се напие кафе со нас и да одговори на нашите прашања. Тој е Илија Ќосевски. Здраво! Ти благодариме што ја прифати поканата за кафе… Кажи ни како се чувствуваш наутро, на што прво помислуваш откако ќе се разбудиш?

Илија Ќосевски: Ви благодарам најпрво што ме поканивте на кафе и муабет со Музика24 и баш вашиот портал ме потсеќа на мојот живот, зошто 24/7 сум со музика. Искрено немам некаков проблем со будењето, станувам и размислувам кои обврски ме чекаат преку целиот ден, бидејќи од неодамна веќе втора година работам како професор по Народни инструменти во Средното музичко училиште “Сергеј Михајлов” во Штип и се подготвувам за часовите.

Музика24: Дали си зависник од утринско кафе? Дали и колку тоа ти помага да се расониш, поспремен да го започнеш денот и со поголема леснотија да ги извршуваш своите обврски?

Илија Ќосевски: Да ви кажам не сум зависник од кафе се зависи од расположение дали ми се пие кафе или не. Инаку имам приметено, за разлика од другите, дека мене ми се приспива уште толку, одколку да ме расони кафето така да многу ретко го почнувам денот со кафе .

Музика24: Дали практикуваш и дома да се напиеш кафе сам, зошто си имал потреба или тоа го правиш исклучиво во друштво на твоите пријатели? Какво кафе преферираш?

Илија Ќосевски: Да сакам и дома да се напијам кафе, но не сам туку со мојата мајка или со пријателите зошто така ни тргнува повеќе муабетот хахаха (се смее). Најмногу сакам Nescafe 3 во 1 Strong, а онака немам проблем, можам да пијам секакво кафе .

Музика24: Колку често одиш на кафе? Какви се муабети паѓаат додека си на кафе со пријателите, за што најчесто зборувате и дали кафето понекогаш е само изговор за со некој да се видиш?

Илија Ќосевски: Во секое слободно време кога немам никакви обврски одам на кафе со моите другари, пријатели, колеги, таков сум по природа сакам да сум вмешан во народ. А муабетите зависат со кој сум излезен, дали со колегите-за работа или со другарите-општо за животот кој моментално го живееме ние младите.

Музика24: Кажи ни нешто повеќе за твоите обврски во текот на денот? До каде си на музички план? Работиш ли нешто во моментот?

Илија Ќосевски: Моментално освен часовите кој ги кажав, работам со оркестарот на нашето училиште, бидејќи го спремам моето етно дело “Beam in the dark” или “Зрак во темнината” за Новогодишниот концерт кој ќе се одржи на 26-ти декември во Домот на културата “Ацо Шопов” во Штип. Ќе бидат вклучени скоро сите инструменти во оркестарот како придружба и плус традиционалните македонски народни инструменти и така сето тоа го работам со голем љубов, бидејќи за прв пат ќе биде изведено мое дело со цел оркестар и сега засега пробите одат одлично, а делото звучи прекрасно, но да не биде само на зборови, еве јавно ги поканувам преку вашиот портал сите кои имаат можност нека повелат на еден убав Новогодишен концерт.

Музика24: Поради тоа што многу години си присутен на музичката сцена и прилично добро ги познаваш изведувачите, кажи ни дали во некој/а гледаш посебен потенцијал и со кој/а би сакал да соработуваш?

Илија Ќосевски: Јас сепак ќе се наречам почетник на музичката сцена иако пред шест години беше мојот прв јавен настап, јас секогаш го одбирам потешкиот пат на работа зошто тоа повеќе ме возбудува. Многу е лесно да направиш песна на веќе докажан и изграден пејач, таа песна секако ќе биде слушана, јас повеќе сакам да работам со почетници кои се талентирани и повеќе ќе ми биде мило да се докаже и успее тој пејач со таа песна или тие негови први песни.

Музика24: Бидејќи поминува 2012-та година по што ќе ја паметиш  и кои се твоите планови за годината што следува?

Илија Ќосевски: 2012-та ќе ја паметам по мојата последна издадена песна “Би те љубел цела ноќ”, освоената прва награда со моите ученици на Меѓународниот натпревар во Кавадарци, но најмногу по ова што го спремам, а планови за наредната година ги имам многу, да не најавувам се бидејќи можеби некои нема да се исполнат, а не сакам да лажам, не сум таков тип, за се ќе бидете известени и ќе ми биде многу драго што вие ќе го пренесете на целата јавност. Едно е сигурно дека во март ќе издадам нова многу емоционална балада, која ќе биде посветена на мојот покоен татко и со таа песна мислам дека ќе заврши мојата пејачка кариера, но не и композиторска.

Музика24: За крај што ќе им порачаш на нашите читатели, воедно твои фанови и верна публика? Можеби ќе им откриеш некоја мисла, по која и ти самиот се раководиш?

Илија Ќосевски: Ми беше драго што го испив убавото кафе со вас и би им порачал на нашата публика да слушаат квалитетна музика, нека ја подржуваат македонската музичка сцена, зошто секоја поддршка е најслатка кога доаѓа од дома. Правете го тоа што ве исполнува, што ве прави среќен, не правете го тоа за другите туку за себе!

Интервјуто го подготви: Сања Неткова

Можеби ќе ве интересира: