Имам нешто да те прашам

Публиката на Андерфест ќе биде сведок на една драстична промена на аудио-карактерот на Basement Cult

Младиот скопски бенд „Basement Cult“ постои од 2018 година. Нивниот звук и стил се одликува со експриментирање и иновативност, што ги прави уникатни на македонската музичка сцена. Нивната музика е спој од од различни стилови, вклучувајќи алтернативен рок и пост-панк. Во 2021 година го издаваат својот прв албум. Моментално подготвуваат и нов матријал кој ќе биде презентиран на нивниот следен настап на фестивалот Андерфест на 1 ноември во МКЦ.

Со „Basement Cult“ поразговаравме на многу интересни теми, а вие уживајте во интервјуто подолу.

Официјално постоите од 2018 година. Како се запознавте, чија беше идејата да започнете да свирите и кои се членови на „Basement Cult“?

„Basement Cult“ почна како школски бенд во гимназијата Никола Карев со Павел Кузманоски како вокал. Андреј Рафајловски на гитара, Давид Стојковски на бас, Ведран Димов на гитара, и Ангела Трајковска на тапани, со што го забележавме својот талент и почнавме да креираме авторска музика. Во текот на снимањето на првиот албум се случија промени што доведе до промена на три члена од бендот и се приклучија Андреј Манев на гитара, Виктор Стојчевски на тапани и Никола Баџаков на бас. По некое време бендот претрпе и распаѓање, и сега сме само три члена во бендот – Павел Кузманоски на вокал. Горазд Наневски на гитара и Дејан Апостоловски на тапани.

Имате интересно име. Кој го смисли и кое е значењето зад името на бендот?

Името „Basement Cult“ нема некое посебно значење, се нарековме „Basement Cult“ затоа што пробите што ги правевме со бендот беа во подрумот на гимназијата Никола Карев.

Деби албумот „Basement Cult“, го издадовте во 2021 година. Каде го снимавте и како си поминавте на снимањето на албумот? Дали спремате нов материјал и дали може да очекуваме нешто ново од вас?

Снимањето се одржуваше во студио 1060 кај Дени Крстев и беше поделено во три сесии. Новиот материјал сеуште се спрема и се надеваме дека ќе биде достапен до пролет 2025 година.

Каде се сте настапувале и кој настап до сега ви оставил најголем впечаток?

Првите настапи како и на многу од другите бендови ни беа на школски гимназиски фестивали како во Корчагин, во Орце и во Карев. Имаме настапувано исто така на Аларм фест во Охрид, како предгрупа на српскиот бенд Репетитор во МКЦ, но најзначаен настап ни е на Д фест од причина што имаше преголем број на технички проблеми од страна на фестивалот што доведоа до незаборавен настап и атмосфера.

Колку е тешко за еден бенд да се пробие на сцената. Што се правите за да се промовирате и да обезбедите повеќе настапи?

Од критично значење за секој бенд е начинот на кој ќе пристапи кон рекламирање и маркетинг на својот материјал. Новиот пристап на „Basement Cult“ започнува токму со (на) Андерфест.

Кај нас за бендовите да можат да опстанат, нејзините членови треба да работат и некоја друга работа. Така бендот автоматски станува хоби, и по некое време бендот престанува со работа. Што треба да се направи според вас за да се промени оваа ситуација?

Природата на нештата е таква што секој музички потфат бара некаква финансиска поткрепа. За жал, во сегашната средина, ретки се проектите кои можат сами да се одржуваат. Се надеваме дека растот на интересот за алтернативната музика во Македонија ќе донесе нови прилики и ќе ги подобри условите за сите оние кои создаваат уметност.

Во последно време дојде до едно големо придвижување на сцената. Се појавија голем број на авторски бендови. Кое е вашето мислење за моменталната сцена?

Секогаш е добро да си опкружен со луѓе со кои ќе делите пасии, цели и ставови. Алтернативната сцена моментално е на мошне нагорна траекторија и се надеваме дека тој тренд ќе продолжи понатаму.

Каква музика слушате, кои се вашите омилени артисти и албуми?

Во последно време сме фасцинирани од модерниот звук на бендови како „Architects“ и нивните последни два албума, „Bad Omens“ со “The Death Of Peace Of Mind” и секако Northlane со “Obsidian”. Влијанието на овие бендови се протега низ новиот материјал на „Basement Cult“ кој за прв пат ќе биде презентиран на Андерфест.

Како го дефинирате успехот и што сметате дека ви е најголем успех досега и кои се вашите амбиции на сцената?

Силно сме заљубени во процесот. Многу е лесно да се загуби смислата на она што го правиме трагајќи по одредени резултати. Амбициите се големи, но благодарни сме подеднакво за секоја прилика и настап што сме го имале.

Една од привлечните фрази е „тој живее рокенрол“. Што би значело тоа во вашиот случај?

Соработување, свирење, дружење со луѓето кои ги сакаме и уживање во секој момент од нашата мисија.

Сите случувања во полето на културата наметнуваат постојани причини за незадоволство кои не излегуваат од рамките на социјалните мрежи. Што е тоа што ги спречува младите генерации да се активираат и да го изразат своето незадоволство во реалниот живот?

Најголемите препреки се оние кои самите си ги поставуваме. Некогаш е најдобро да го тргнеме незадоволстовото на страна и да почнеме да креираме. Денес е полесно од било кога, човекот да го изрази својот широк спектар на чувства преку уметноста, музиката и литературата.

Можеби ќе ве интересира: