Имам нешто да те прашам

Стефан Ефремов: „Мојата новогодишна желба е сите да бидеме среќни и да се почитуваме“ (Фото+Видео)

Во пресрет на новогодишната магија и по повод 13 години од постоењето на „Музика24“, ви го претставуваме нашиот специјален гостин – младиот и талентиран Стефан Ефремов. Со само 19 години, Стефан успеа да ја освои публиката низ целиот регион преку своето учество во престижното музичко шоу „IDJ Show“.

Неговата приказна е инспиративна – од почетоците во родниот Свети Николе до моментите кога ја освојува сцената со својот талент и истрајност. Без формално музичко образование, но со огромна посветеност и труд, тој го оствари својот сон и денес е пример за тоа како упорноста носи успех.

Во ова празнично интервју, Стефан открива детали за својот пат, предизвиците со кои се соочувал, инспирацијата што го води и неговите планови за иднината. Дознајте како ги доживува новогодишните празници, што посакува за 2025 година и како ја гледа својата музичка кариера понатаму.

Прочитајте го целосното интервју и запознајте ја поблиску новата музичка надеж на Македонија.

Музика24: Стефан, македонската публика те запозна преку „IDJ Show“. Што те мотивираше да се пријавиш во ова натпреварувачко шоу?

Стефан Ефремов: Натпреварот го следев долго време и уште од првиот момент знаев дека сакам да бидам дел од него. Сакав да се претставам во најдобро светло, а ова шоу беше совршената можност за тоа. Исклучително ми е драго што македонската публика ме запозна токму преку ова шоу.

Музика24: Како би се опишал себеси? Кој е Стефан Ефремов?

Стефан Ефремов: Би рекол дека сум доста комплицирана личност. Во суштина сум мирен, но знам да паничам без некоја посебна причина. Искрен сум, добар пријател и амбициозен човек кој секогаш се стреми кон своите цели.

Музика24: Годината која изминува донесе многу промени за тебе. Како гледаш на тоа?

Стефан Ефремов: 2024 година ми беше пресвртна точка. Натпреварот го смени мојот живот за 360 степени и ме научи многу. Секогаш се обидувам да учам од минатото и да ги поправам работите кои ми претставуваат предизвик..

Музика24: Музиката е таа универзална сила која оплеменува и најчесто инспирира. За среќа годинава имавме многу музичка понуда како преку фестивалите така и преку самостојните проекти па која е онаа песна што вам Ви се залепи за срцето и би ја издвоиле?

Стефан Ефремов: За мене најчесто сите песни кои носат приказна, дали тоа било бес или љубов, емоција, страст или слично – на прва кликнуваат. Но немам ниту една која би можел да ја издвојам.

Музика24: Како ја доживуваш новогодишната атмосфера?

Стефан Ефремов: Порано многу се радував на журките и забавите, но сега мојот фокус е насочен кон идните проекти и кариерата. Еуфоријата ја чувствувам, но во поинаков контекст – со мисли на тоа како ќе ја започнам 2025 година со нови успеси.

Музика24: Кога станува збор за подароци, како го избирате најдобриот за вашите сакани?

Стефан Ефремов: Не мора да биде многу. Мене ми е доволно да бидам опкружен со луѓето кои ги сакам и кои ме сакаат, тоа е мојот најголем подарок.

Музика24: Живееме во многу брзо и хаотично време, во кое вистинска реткост е некој да се интересира за туѓата среќа? Дали практикувате да им се посветите на блиските луѓе и да се интерсеирате што е она што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Стефан Ефремов: Да, дефинитивно можам да се посветам и сакам да се посветам на своите најблиски, малиот круг на луѓе кои го имам ми значи многу. Во нив спаѓаат мојата фамилија и моите другари кои неизмерно ме подржуваат и сакаат, за нив секогаш има место.

Музика24: Што е она што во 2024-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Стефан Ефремов: Би сменил многу работи кои будат тага во мене, но за таа тема ќе го најдам правото време и место, а сите добри моменти се всушност моите најдобри од кога знам за себе.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Стефан Ефремов: Верувам во магијата која ја носи зборот желба и честитка, така што би посакал моите да бидат среќни, живи и здрави.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се твоите желби за 2025 година?

Стефан Ефремов: Сакам да продолжам да се развивам како музичар и човек, да бидам среќен и успешен, а луѓето околу мене да бидат исполнети со позитивна енергија.

Музика24: Како планирате да ја дочекате 2025та година и се разбира со кого?

Стефан Ефремов: Сеуште немам одговор на ова прашање, се надевам со луѓето кои мене ми значат.

Музика24: Каква е твојата порака за Новата година?

Стефан Ефремов: Посакувам сите да бидат среќни, весели и полни со љубов. Да нема омраза, туку разбирање и почит. На крајот на денот, сите сме исти и сме на иста мисија – да создаваме подобар свет за нас и за идните генерации.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: