Утре (19-ти февруари) во Кинотеката на Северна Македонија ќе бидат прикажани два музички документарни филмови. Се работи за „Њу Ордер – Декади“ и „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ кои ќе бидат прикажани во рамките на настанот „Скопје Синема Сити – Загревање“. „Загревање“ е полугодишен настан каде се прикажува избор на филммови од претходното издание на фестивалот „Скопје Синема Сити“.
– „Минатата година бенд во фокус беа манчестерскиот бенд „Њу Ордер“ на кои фестивалот им врачи награда за достигнувања во музиката и филмот а фестивалот го отвори филмот на Мајк Кристи „Њу Ордер: Декади“. Филмот е приказ на нивниот проект во соработка со Манчестерскиот Интернационален Фестивал каде се случуваат невообичаени уметнички инсталации и проекти. Тој е истовремено и полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови.“ – информираат од Кинотеката на Северна Македонија.
Истата вечер ќе биде прикажан и филмот „Мериен и Леонард Коен: Зборови за љубовта“ за Леонард Коен и неговата муза Мериен Илен која инспирирала многу од неговите песни. Филмот ја прикажува нивната бурна врска и животни патишта од почетокот на островот Хидра па се до нивниот крај.
