На 11-ти и 13-ти јануари 2025 година, со почеток во 20 часот, ќе се одржи Традиционалниот концерт по повод празникот „Василица“ во Македонската опера и балет. Оваа година, со посебна гордост, се одбележуваат 30 години од првиот концерт, кој се одржа во 1995 година и од тогаш прерасна во еден од најпосетуваните и најпрепознатливи настани во културниот живот кај нас.
Во јубилејната година, публиката ќе ужива во изведбите на незаборавни арии и дуети од врвните дела на светски познатите композитори: Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини, Пјетро Маскањи, Гаетано Доницети и други.
Овој специјален настан ќе се одвива под диригентската палка на врвниот шпански диригент Оливер Диаз, добитник на бројни престижни награди. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет, ќе настапат двајца истакнати шпански солисти: сопранот Ирене Палазон и тенорот Хозе Луис Сола.
Ирене Палазон, позната по својот чист и емотивен вокален израз, има богата кариера со настапи на најпрестижните оперски сцени низ Европа. Таа е препознатлива по улогите во класични опери како „Травијата“ и „Кармен“, кои ја вбројуваат меѓу водечките шпански сопранистки.
Хозе Луис Сола, пак, е истакнат тенор кој се одликува со извонредна вокална техника и моќни интерпретации. Неговиот репертоар ги вклучува најзначајните дела од композитори како Моцарт, Верди, Бизе и Доницети.
Билетите за овој уникатен настан се веќе достапни на билетарницата на Македонската опера и балет, како и онлајн. Не ја пропуштајте можноста да бидете дел од ова јубилејно одбележување и да уживате во врвната уметност што ја нуди традиционалниот концерт по повод „Василица“.
