Осмото издание на изложбата со “Со љубов од Битола” ќе биде отворено за посетителите на 20-ти август (четврток) со почеток во 20 часот во фоајето на големата сала на НУ Центар за култура – Битола. Изложбата се состои од 31 фотографија – 25 фотографии од 23 автори селектирани од страна на стручното жири во состав: Далибор Митковски, Кети Талевска и Петар Тасевски.
“Оваа година “Со љубов од Битола” ја раскажува приказната за љубовта во време на корона, темата која им ја зададовме на учесниците на конкурсот. Преку 25-те фотографии авторите создадоа едно визуелно сведоштво за времето и животот кој поминува заедно со него и сите оние нешта кои се сега поинакви. Оваа наша приказна немаше да може да биде раскажана на овој начин доколку заедно со нас во нејзината реализација не се вклучи НУ Центар за култура Битола и Министерството за култура на Република Македонија, кои го ставија под закрила овој проект кој веќе осум години ја раскажува приказната за Битола”, велат организаторите.
Генерален спонзор на осмото издание на “Со љубов од Битола” е Сава пензиско друштво А.Д. Скопје. Благодарение на нивната поддршка ќе се доделат награди на најдобрите. Се е поинакво отколку минатата година, но основната смисла на изложбава останува иста. Заедно со фотографите проефесионалци и аматери се создава дигитален споменик за битисувањето на Битола и се праќа пораката “Со љубов од Битола”.
