Оркестарот на Филхармонија овој четврток во 20 часот ќе го одржи концертот насловен „Зимски соништа“. Како солист ќе настапи виолистот Тимоти Ридаут од Велика Британија, диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виола во е-мол, оп. 85 (транскрипција од Kонцертот за виолончело) од Едвард Елгар и Симфонијата број 1 „Зимски соништа“ од П.И.Чајковски.
Сер Едвард Елгар (1857-1934) е еден од најзначајните британски композитори и еден од водечките европски композитори од неговата генерација. Иако се детерминира како типичен англиски композитор, неговите главни музички влијанија доаѓаат од континентална Европа. Шуман, Брамс, Лист, Вагнер и Штраус биле композиторите во кои наоѓал инспирација за своите дела. Концертот за виолончело и оркестар е едно од последните големи оркестарски дела на Елгар. Фактот што го завршил по Првата светска војна, кога бил во финансиски потешкотии и со нарушено здравје се одразил и во атмосферата и музичката структура на ова дело кое се разликува од неговите претходни композиции.
Првата симфонија на Чајковски е едно од најзначајните дела во симфониската приказна на 19 век, оригинална во секој контекст, различна од се што било напишано пред неа. Со неа го маркирал тлото на кое потоа ќе ги трасираи останатите негови симфониски дела, во кои ќе продолжи да ги тестира границите на оркестарскиот звук. Покрај исклучителното место кое го има во историјата на музиката, таа, оедно, е и една од најмаркатни први симфонии напишани некогаш. „Зимска приказна“ е првата симфониска музичка приказна на големиот руски композитор со која на фантастичен начин го најавил својот потентен оркестарски опус.
