Културо

Латино магија во Скопје: Симон Трпчески со грандиозен новогодишен концерт за 25 години кариера

Скопје ќе ја почувствува топлината на Латинска Америка на 20 декември, кога пијанистот со светска репутација Симон Трпчески ќе го одржи својот јубилеен новогодишен концерт во арената „Борис Трајковски“. Настанот, организиран од Прагма продукција во соработка со Македонската опера и балет, претставува централно одбележување на 25 години од блескавата кариера на маестро Трпчески.

Предводени од диригентот Сашо Татарчевски, на сцената ќе настапат ансамблот „Македонисимо“, Оркестарот на МОБ, концерт-мајсторот Климент Тодороски, како и неколку специјални гости чиј настап засега останува во тајност. Концертот ќе биде поделен во две музички поглавја – првото ќе ги слави звуците и ритмите на Латинска Америка, со дела од автори кои ретко се изведуваат на нашите простори, додека вториот дел ќе им биде посветен на македонските дела во нови аранжмани на Панде Шахов, кој за овој повод пристигнува од Лондон.

„Ми се исполнува голема желба да му ја приближам на македонската публика убавината на латиноамериканската класична музика. Но, секако, вториот дел од вечерта му припаѓа на македонскиот музички дух“, истакна Трпчески, додавајќи дека зад секој негов успех стојат „многу работа, посветеност и верба“.

Тој нагласи дека во текот на 25 години концертна активност посетил 52 држави, но сепак – настапите дома носат сосема поинаква емоција.

„Кога свириш пред своите, чувството е посебно, а одговорноста многу поголема. Тоа секој уметник го знае“, вели пијанистот.

Минатата година Трпчески одржа распродаден новогодишен концерт во истата сала, со божиќна и празнична програма и настапи на гости како неговата ќерка Лара и Андријана Јаневска. Овојпат, јубилејното издание ветува уште поголема музичка идила – овој пат во знакот на латино ритамот и македонската музичка традиција.

Текстот го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: