Под мотото “Првиот никогаш не се заборава”, од 5-ти до 12-ти октомври ќе стартува третото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм “КинеНова”. Овогодинешното издание на овој фестивал, каде ќе се натпреваруваат осум филмови, ќе стартува со дебитантскиот игран филм на Јани Бојаџи “Ругање на Христос”, што ќе биде и негова македонска премиера по светската во Монтреал.
Тој е еден од осумте филмови во трка за наградите за најдобар дебитантски филм, најдобар режисер, најдобро сценарио и за специјална награда од меѓународното жири, а покрај него во официјалната селекција се уште пет филма од Европа, еден од Иран и еден од Перу. Селекторот Игор Анѓелков на неодамнешната прес-конференција рече дека било возбудливо да се погледне во најновата светска кинематографија, но и тешко да се направи избор поради плодната продукција и затоа што, како што рече тој, има многу дебитанти кои храбро влегуваат во своите први или втори остварувања и обработуваат теми на свој начин.
Директорот на “КинеНова” Небојша Јовановиќ, истакна дека концептот на фестивалот е да им се даде простор на храбрите автори-дебитанти кои се зафатиле со теми кои во некои земји се игнорирани и ставени на страна, а нивните автори третирани како неподобни.
“Педесетина исклучителни филмови се пријавија, а наш императив беше да ги пронајдеме оние кои бескомпромисно се борат за зачувување на слободното уметничко изразување и не тргуваат со уметничкиот или личен интегритет”, рече директорот на фестивалот “КинеНова” Јовановиќ.
Инаку, “Ругање со Христос” бил избран затоа што го исполнува критериумот да е дебитантски и поради заложбата на “КинеНова” да има и македонски дебитантски филм во програмата. Филмот е селектиран уште пред реакцијата од Министерството за култура кое пак филмот го оцени како скандалозен и контроверзен, дека тенденциозно игра со историјата и му наштетува на соживотот во Република Македонија. Филмот освои награда во Монтреал, селектиран е и за Торонто, во Македонија не е прикажан досега и е достапен само трејлерот.
Овогодишен специјален гостин на филмскиот фестивал “КинеНова” ќе биде сценаристот и режисер од Турција Зеки Демиркубуз и ќе бидат прикажани четири негови филмови. Тој ќе одржи и мастеркласа во Кинотеката на Македонија каде пак исто така мастеркласа ќе одржи и хрватскиот сценарист Анте Томиќ кој ќе ги открие тајните за трикови во пишувањето филмски дијалози. На фестивалот ќе има уште една специјална гостинка која организаторите ќе ја соопштат дополнително и ќе и биде врачена награда за особен придонес во филмската уметност на отворањето на “КинеНова”. Во рамки на фестивалот првпат во Македонија ќе биде претставена норвешката кинематографија со проекција на пет филма, од кои два од најпознатиот режисер на таа земја – Ерик Попе. Ќе има и “Балканска филмска програма”, проекции на двата први филма на Ингмар Бергман од 1946-та година по повод 100 години од неговото раѓање, детска филмска програма, како и две работилници – за филмска анимација наменета за деца со посебни потреби и работилница во соработка со Уницеф за зголемување на свесноста за ненасилство врз деца.
