Културо

“Вокална магија” овој четврток во Македонската филхармонија

Утре четврток, 22-ри февруари со почеток во 20 часот, Македонската филхармонија ќе го реализира симфонискиот концерт “Вокална магија”, на кој како солист ќе настапи повеќе наградуваниот бас-баритон Милан Силјанов. Вокалниот уметник од Швајцарија кој има македонско потекло, за македонската публика ќе изведе избор од фантастичниот циклус песни за глас и оркестар “Магичната хорна на момчето”, од музичкиот гигант Густав Малер.

Диригент на концертот е миленикот на музичката публика маестро Емил Табаков од Бугарија, а на програмата оваа вечер е и експресивната Симфонија бр. 6 од рускиот композитор Дмитриј Шостакович, која се смета за една од неговите највлијателни. Бас-баритонот Милан Силјанов моментно е член на оперското студио во Баварската државна опера во Минхен, а веќе од следната сезона ќе стане редовен член на солистичкиот ансамбл на оваа престижна германска оперска куќа. Студирал на познатата школа за музика и драма “Гилхол” во Лондон, на отсекот опера под менторство на проф. Рудолф Пирнеј. Победник е на престижниот Интернационален натпревар за соло-песна во Лондон (2015), организиран од “Вигмор Хол”, додека во 2014 година Силјанов ги освоил и двете награди – прва награда и награда од публиката на 50. Меѓународен вокален натпревар во Хертогенбош, Холандија. Соработува со светски познатите диригенти Кирил Петренко, Константинос Карјадис, Инго Мецмахер, Дан Етингер и др. Неговите неодамнешни настапи ги вклучуваат улогите: Лепорело во “Дон Џовани” од Моцарт на Фестивалот во Вербие во Швајцарија, каде што му е доделена наградата “Ив Патерно” за најистакнат уметник во рамките на Академијата, Антонио во Моцартовата “Свадбата на Фигаро” и Петер Бесендиндер во “Јованче и Марика” од Хумпердинк – двете во Операта во Минхен. За неговата улога на Арлекино во операта “Љубопитни жени” на Волф-Ферари, критиката ќе каже: “Милан Силјанов прекрасно и атрактивно го испеа Арлекин…”. Вели по потекло е Македонец и се чуствува како Македонец.

“Сепак, имам и швајцарски пасош, па се чувствувам и како Швајцарец. Тоа за мене воопшто не претставува дилема, затоа што моето срце неуморно чука за двете држави и култури. Како дете, заедно со мајка ми, секое лето ја посетувавме Македонија и нашето семејство. Тоа ни беше посебна традиција, а летните одмори ми дадоа можност да ја запознаам Македонја што повеќе. Дружбата со моите роднини ми овозможи и да го подобрам мојот вокабулар. Секој пат кога доаѓам во Македонја, всушност се враќам дома.”.

За настапот со Македонската филхармонија в четврток вели:

“Овој настап за мене ќе биде првиот професионален настап во Македонија и морам да кажам дека ми е исклучителна чест да дебитирам во таква прекрасна сала. Со нетрпение очекувам да музицирам со оркестарот и маестро Табаков, и знам дека прекрасниот звук ќе ја изненади и публиката и мене”. За изборот, да изведе дел од драматично-хумористичните и романтични песни од култниот Малер, Силјанов вели:

“Имам голема страст за романтични песни и композиции од 19. век, особено песни од Шуберт, Шуман и Брамс. Откако почнав да студирам соло-пеење, мојата страст за таков вид на песни растеше. Но, скоро сите песни од тие композитори се за глас и пијано. Малер, пак, од друга страна, ја продолжил традицијата на германските композитори, иако тој почнал да го ‘меша’ гласот со бесконечната акустична боја на оркестарот. Комбинацијата од глас и оркестар во овој пример, за мене е магична! И со текстовите од ‘Магичната хорна на момчето’, Малер нашол поеми што со метафоричниот јазик симболизираат романтизам во најчистата форма. И зборот и музиката директно го допираат моето срце. Се надевам дека и публиката ќе ја почувствува магијата од овој титан што се вика Малер!”. Следните настапи на Силјанов, по Македонија, се повторно во Минхен во операта.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: