Овој четврток, со почеток во 20 часот оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Хипноза” на кој како солистка ќе настапи пијанистката Марија Ѓошевска. Диригент е Антони Вит, а на програмата се Серенада за дувачи оп.7 од Штраус, Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Сергеј Рахмањинов и Серенада за гудачи од Карлович.
Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во це-мол од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов премиерно бил изведен на 9 ноември 1901 година. Овој концерт е пијанистичко ремек-дело. Еден од најпознатите и најизведувани концерти на светската музичка сцена.Овој концерт,всушност, му ја „вратил” назад музичката кариера на Рахмањинов, по неуспехот на неговата Прва симфонија. Критиките за изведбата биле толку сурови што му направиле креативен блок што траел речиси три години. Пријателите го натерале да се консултира со д-р Николај Дал, пионер во развојот на хипнотерапијата, и по неколкумесечна терапија, Рахмаљинов ја вратил самодовербата и почнал да го пишува Концертот за пијано и оркестар бр. 2. Му го посветил на д-р Дал, а го извел самиот како солист.
Добитникот на „Греми” – маестро Антони Вит е еден од највлијателните полски диригенти и, воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес. Откако ја освоил престижната награда „Херберт вон Карајан” на Интернационалниот натпревар по диригирање во 1971 година и бил асистент на славниот Карајан на Источниот фестивал во Салцбург, тој соработувал со сите водечки оркестри во Полска пред да ја заземе позицијата генерален и уметнички директор на Варшавската филхармонија во 2001 година. Бил и музички директор на Симфонискиот оркестар Де Навара во Шпанија, а моментно е диригент-лауреат на Краков филхармонија во Полска. Во 2015 година го доби францускиот орден „Легија на честа” за промоција на француската музика. Ужива славна интернационална кариера диригирајќи со видни оркестри во светот, како што се Берлинската филхармонија, оркестарот „Тонхале” во Цирих, Националната академија на Санта Чечилија, Кралската филхармонија во Лондон, Би-би-си филхармонија, Кинеската филхармонија, Кливленд оркестар… Неговите настапи се снимени на повеќе од 200 аудиозаписи за реномирани издавачки куќи и за нив е добитник на бројни награди, меѓу кои и на престижната „Греми” (2013) за изведбата на „Фонограми”, „Партита” и Концерт за хорна од Пендерецки, како и шест номинации за неа, но и на награда од Фондацијата „Карол Шимановски” за промоција на неговата музика за аудиозаписите за „Наксос”. Маестро Вит има голема заслуга за изведбата на речиси сите современи дела од големите полски композитори, како што се Лутославски, Пендерецки, Карловиц, Шимановски итн.
Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанисти во Република Северна Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека, во нејзината личност, македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност.


