Еден од најзначајните музички фестивали во историјата на Македонија – „Скопскиот фестивал“, повторно би можел да стане дел од домашната музичка сцена. Според неофицијални информации до кои дојде музичкиот портал Музика24, Македонската радио-телевизија работи на концепт за негово возобновување како дел од новата програмска стратегија насочена кон развој и промоција на македонската музика.
Според најавите, фестивалот нема да биде само уште еден телевизиски музички настан, туку ќе претставува кулминација на поширок проект за откривање и афирмација на нови музички таленти.
Во рамки на истата стратегија, МРТ планира во текот на 2027 година да ги реализира и светски познатите музички формати „Македонски идол“ и „Икс Фактор“, преку кои ќе се бараат нови вокални имиња, дуети и музички групи. Наместо нивната приказна да заврши по финалната емисија, идејата е најдобрите учесници да продолжат да ја градат својата кариера преку создавање сопствен репертоар. Токму тука својата улога ќе ја има „Скопскиот фестивал“, кој повторно би станал национална сцена за премиерно претставување на нови авторски композиции. Планот е младите изведувачи да настапуваат со оригинални песни создадени во соработка со домашни композитори, текстописци и аранжери, со што ќе се даде силен поттик на современото македонско музичко творештво.
Доколку овие планови се реализираат, фестивалот би можел повторно да го добие статусот што со години го имаше – место каде се создаваат нови хитови, се откриваат нови музички имиња и се промовира домашната авторска музика. Во изминатите децении токму од сцената на „Скопскиот фестивал“ започнаа или се зацврстија кариерите на голем број македонски изведувачи, а фестивалот остави значајна трага во музичката историја на земјата.
Останува да се види кога официјално ќе биде потврдено неговото враќање и каков ќе биде конечниот концепт, но веќе сега најавите отвораат надеж дека еден од најпрепознатливите домашни музички брендови повторно ќе добие заслужено место на македонската сцена.
Текстот го подготви: Редакција Музика24
