Познатата македонска поп пејачка Тамара Тодевска денес во кафулето “Кала” го промовираше новиот видео спот за песната “Само сакам да”, кој неодамна таа го сними и беше во најава, а промоцијата ја направи пред своите пријатели, колеги, новинари, фанови и обожаватели. Песната е дело на Бертан Аслани кој се погрижи за музиката и аранжманот, додека текстот е дело на познатиот рапер Тони Зен.
Ексклузивката на познатата продукција “Горила продукција” и ова видео го реализираше со познатиот режисер и уметнички директор во “Горила” Владимир Дади Ивановски. Тој вели дека знаеќи ја Тамара подолго време можел да си даде слобода на самиот себеси во реализацијата на овој видео спот. Инаку, спотот е снимен во салата на “Сити Хол”, и истиот е најава за новиот албум кој што Тамара го подготвува и наскоро ќе го издаде.
А најново од неа е тоа што уште утре вечер за прв пат пред скопската публика ќе одржи концерт во летната дискотека “Колосеум”, каде во друштво на нејзини најдобри пријатели и колеги кои ќе ја придружуваат на сцената ќе ја потсети публиката на сите нејзини старо-нови хитови и се разбира сите оние присутни ќе уживаат во неколку часовниот концерт. Не пропуштајте го утрешниот концерт, бидејќи картите се веќе при крај, а се бара карта повеќе.
Подготви: Марија Поповска
